Написов ќе го започнам со цитат од една македонска народна песна опеана од македонскиот народ, „Црна се чума зададе“: „Црна се чума зададе там долу Македонија, там долу Демир Капија. Кој ќе се јунак избере чумата да ја пропади од жална Македонија. Избрал ми се изнашол млад Гоце Делчев војвода.“
Историјата ни се повторува, но сега не од поробувачи, окупатори освојувачи, туку од самите себеси. За разлика од сите поранешни периоди, сега сами се уништуваме. Во изминатиот период, кога си немавме држава, кога бевме поробени, окупирани со нагонот на самоодржување и самоопстојување, никој не можеше да нѐ уништи како народ со сопствена вера, обичаи и култура. Тоа не успеаја да го направат Византијците, Турците Османлии, Србите, Бугарите, Грците, а сега сме исправени пред чинот на самоуништување, самонегирање, самобришење од картата на народите во светот. Столбот на тој непокор беше народот македонски со Христовата вера и вера во бога, олицетворена во Охридската архиепископија. Сега не се верува во ништо, ниту во сопствениот народ, ниту во верата, ниту во Македонската православна црква, ниту во бога.

Сега дојдовме до тоа што сакам да го кажам на крајот. Каква е целта на склучувањето на договорот со Бугарија и каква е целта на склучувањето на овој договор со Грција. Целта е да се создаде нова историја на новата држава Република Северна Македонија, која ќе започнува од 1945 година.
Младите поколенија, нашите идни генерации, нема да смеат да учат за нашите славни претходници Пердика, Филип Македонски, Александар Македонски, Цар Самуил, Гоце Делчев, Јане Сандански, Чакаларов, Константин и Димитар Миладинов, Григор Прличев, Ѓоргија Пулевски, Крсте Петков Мисирков, Дедо Иљо Малешевски и безброј други македонски патриоти и дејци (од сите што не се спомнати заради просторот барам прошка), за Карпошовото востание, за Кресненското востание, за Илинденското востание.
Со тоа ќе се сака постепено да се избрише од колективната меморија на Македонците дека се Македонци, дека имале држава и дека имало македонски народ од вечни времиња.
Затоа Грците велат дека „иредентизмот“ потекнува од учебниците по историја и затоа сето тоа треба да се смени. Истото тоа го велат и Бугарите и затоа, во согласност со склучениот договор, се формира комисија што треба да одлучи да се поправат грешките во нашата историја. Допрва треба да се формира нова комисија за редефинирање на историјата (преправање) за да ги задоволиме Грците. Ама Александар Македонски рекол: „Никогаш не верувај им на Атињани“ (не Грци како што сега се кажува, а Бугари и Срби тогаш немало).
Затоа јавно ја прашувам Владата на Македонија да ни одговори дали со Грција и со Бугарија е договорено наши научници по историја да влезат во нивните архиви и да го обработуваат документарно периодот од 1912 година наваму. Знам дека овие од македонска ориентација и вистинито научно проучување никому не му го дозволиле тоа, а се сомневам и дека ќе го дозволат, затоа што ќе се види кој има иредентистички освојувачки намери. За да се направи сето ова ни се поставува услов влегувањето во НАТО и во ЕУ, со наводно демократски референдум, референдум што ќе биде наместен како сите досегашни избори.
На крајот, како што започнав така и ќе завршам. Како што Гоце Делчев излезе да ја спаси Македонија од црната чума, сега македонскиот народ со својата силна самобит и желба за опстојување ќе ја спаси Македонија од оваа црна чума.

(Славе Ников)