Црногорскиот владика Михајло остро го осуди однесувањето на Српската православна црква против верниците во Црна Гора. За време на велигденското обраќање митрополитот Михајло рече дека „СПЦ се обидува да ја стави Црна Гора под нејзината мантија“, објави „Танјуг“. Според него, „Српската православна црква ја злоупотребува толеранцијата на државното раководство во земјата“. Властите во Белград и СПЦ не ја признаваат црногорската црква и ја нарекуваат „неканонска“.

По обидот за државен удар во Црна Гора во октомври 2016 година митрополит Михајло повика „обвинителството да поднесе обвинение против Белградската патријаршија, која организира и поттикнува злосторства против суверенитетот и мирот во Црна Гора“. – Поткопување на црногорскиот устав од страна на великосрпски партии за нашата земја да биде претворена во колонија и во републиката да биде предизвикана граѓанска војна е директно продолжение на политиката на Српската патријаршија со други средства. Оваа патријаршија, како во 90-тите години на минатиот век, така и денес не е црква, туку терористичка организација што дејствува против Црна Гора по наредба на Белград. Во оваа црква и тогаш и денес работат свештеници со опасни намери, кои се во врска со сегашниот министер за внатрешни работи на Србија. Им помагаат и криминални структури, за да ги заштитат великосрпските интереси и да предизвикаат хаос во државата – рече митрополит Михајло.