Вид Кавтичник

Вардар е извонреден тим, а тоа го покажа против Кил и за мене е повторно главен кандидат за титулата, а ние ќе се обидеме во полуфиналето да ги запреме, вели Вид Кавтичник, десниот бек на Монпелје

Ракометарите на Вардар ќе играат со француски Монпелје во полуфиналето на фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ), а втората полуфинална двојка ја сочинуваат француските екипи Нант (за кој настапува Кирил Лазаров) и ланскиот финалист ПСЖ. Вака реши вчерашната ждрепка во Келн, градот каде што ќе се игра завршниот турнир (26-27 мај).

Црвено-црните со трите француски екипи играле во ЛШ, забележувајќи пет победи и по две ремија и пораза, но токму против дебитантот на ваквите завршници Монпелје е и најуспешен, со три победи и едно реми, без пораз.
– Минатата сезона бевме аутсајдери во Келн, но годинава ќе дојдеме како европски прваци, така што чувството сега е поинакво. Мораме да играме како шампиони, бидејќи сите четири екипи се добри и сите имаме еднакви шанси за титулата – вели Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар.

Монпелје, кој е европски првак од 2003 година (Нант и ПСЖ досега не биле европски прваци), предводен од тренерот Патрик Канаје е актуелен лидер во француското првенство и кој годинава ги елиминира Барселона и Фленсбург во ЛШ. Тоа е првиот клуб кому му успеало да стигне до фајналфорот играјќи прво во послабите групи (Ц или Д), така што мораа да играат бараж за влез во осминафиналето.
– Кога играте против бранителот на титулата сигурно знаете дека сте добиле најтежок ривал. Но на овие турнири и во минатото сите екипи влегувале со еднакви шанси за пехарот. Вардар е извонреден тим, а тоа го покажа против Кил и за мене е повторно главен кандидат за титулата, а ние ќе се обидеме во полуфиналето да ги запреме – рече Вид Кавтичник, словенечкиот бек во редовите на Монпелје. 


ПОЛУФИНАЛЕ
Нант – ПСЖ 15.15 ч.
Вардар – Монпелје 18 ч.
финалето е на 27 мај од 18 ч.


Амбициозен тим со 10 странци и со четворица француски репрезентативци

Во Монпелје играат 10 интернационалци, по двајца Италијанци, Швајцарци и Тунижани и по еден Словенец, Египќанец, Аргентинец и Литванец. Во младиот и брз играчки состав посебно отскокнуваат репрезентативниот голман Винсен Жерар, десните бекови Мелвин Ричардсон (45 гола сезонава во ЛШ) и Словенецот Вид Кавтичник (53 погодока), левото крило Мишел Гигу (47 гола), левиот бек од Литванија Јонас Тручанавициус (54 реализации) и централниот бек од Аргентина Диего Симонет (32 гола).


Монпелје во нокаут-фазата прими 25 гола по меч

Монпелје во мечевите од нокаут-фазата (осминафинале и четврт-финале) од ракометната Лига на шампионите прими рамно 100 гола, што е просек од 25 по меч (со Барселона и со Фленсбург). Нант на четирите меча прими 106 гола, односно 26,5 по натпревар. Вардар и ПСЖ играа само во четврт-финалето во кои мрежата на европскиот првак се затресе 28 пати на меч, а тимот од Париз прими 30 гола по натпревар.