Циркусот (не) заминува

Којзнае што сè е способен да стори еден народ ако се разбуди и разбере дека сè е „само фол и евтин трик“, дека овој циркус нема ништо заедничко со циркусот од детството и песната на Џоле, дека политичкиот циркус што од него направи кловн, му се продава како сон и нема намера да престане. Одамна не е смешно и многумина веќе ја сфатија претставата

Во една од оние РЕМ-фази, кога човек ќе почне да сонува и мисли дека сонот е чиста реалност, а нелогични слики и случки минуваат низ мозочната кора како низ прожектор, слушам еден ваков говор завиен во музичка завеса: „Добра ноќ, дами и господа, ете, и оваа претстава е завршена, се надевам уживавте во неа, беше задоволство да се глупираме за вас сите изминати години… заминува циркусот, за сите е подобро така…“

Помислив, повторно ја активирал метлата оној глимфатичен механизам – чистачот на отпадот од вести насобрани низ кулоарите на денот. Таинствено (на нему својствен начин), пуштил од подрумот на спомени една стара плоча… Кога човек се буди во РЕМ (кратенка од „брзо движење на очите“), при замена на една стварност со друга, сонот е уште необично жив. Излегувам оттаму со измешани чувства, со доза на дезориентација и неверување: прво, говорот е на чист српски јазик, со новосадски акцент, а падежите се како испеглани; а второ, „циркусот“ заминува доброволно и домаќински срдечно.

Но дури и најневеројатниот сон поминува брзо и лесно, дури да речеш „рекет“ и веќе нештата се гледаат појасно: од радиото пее, поточно рецитира стихови гласот на Балашевиќ – „Одлази циркус“, последната песна од последниот албум на бендот „Рани мраз“. Истата плоча од подрумот на сеќавањата. Не бил виновен глимфатичниот. Надвор од подрумот и сонот, тоа значи само едно: на јаве „циркусот“ уште (ќе) трае…
„Одлази циркус“ е снимена во 1980 година, кога умира Тито, почетокот на крајот на една држава и претпочеток на еден тажен политички циркус, кој го распна шаторот низ нашите градови и низ целата некогашна и сегашна земја – и не замина.
Би можел да ја толкувам таа елегична песна низ гротескното ок(н)о во кое пропаднаа толку многу човечки погледи, но претпочитам друго: Балашевиќ, на нему својствен начин, преку феноменот на циркусот ја наслика ефемерната состојка на животот, како и атерирањето низ него како одење по жица, помеѓу трикот да се преживее и да се скријат болката и стравот под смеата на кловнот. Веројатно секој понекогаш го навлекува врз кожата карактерот на овој циркуски жител.

Циркусот на Балашевиќ доаѓа и заминува, од град во град, од едно до друго детство. Група незаборавни фолиранти и забавувачи, однадвор неверојатни, а однатре (не)обични човечки судбини, „фрлени“ во една не многу различна арена на леб и игри, на смрт и смеа, на фол и бол… Меѓу нив и еден голем слон – единственото што го помнам од циркусот што го гледав како мал: голем во детските очи и, како што подоцна научив, уште поголем во способноста за помнење. Оттука описот за човек со добра меморија: „помни како слон“. Преку просторот и времето, циркусот ги изместува мерите: циркусот ја има таа моќ да преместува, преобразува и да брише граници – влегувањето во циркус ја релативизира границата меѓу световите: кој е домаќин, а кој гостин во тој свет? Да, таков е циркусот на Балашевиќ, циркусот на минливата чудесност и способност да нè зачудува и поттикнува да ја имитираме таа чудесност, да ја повториме дома на свој, необичен начин. Сите негови жители – голтачот на оган, тренерот на лавот со главата во неговата уста, шетачот по жица и кловнот со многу лица – се херои на денот, а ноќе само луѓе што спијат и тонат во истата РЕМ-фаза, каде што сонот се меша со јавето – таму го продолжуваат одот по жицата, како и оние од публиката, по жиците надвор од циркусот. Овие херои изгледаат како живи предвесници на улогите што животот ги дели, како од шега, а кои не е лесно да се одиграат насмеани. Можеби затоа е незаборавен циркусот од детството во подготовка на претставата што следува…

Циркусот од мојот град замина речиси заедно со циркусот од песната на Џоле, но политичкиот циркус во кој се претвори земјата, а со неа и „земјаните“ – остана. Секој циркус има своја тажна приказна, но овој наш циркус е тажен поради нешто друго: група „циркусанти“ ја држат во економско, социјално и духовно заложништво целата „публика“, цел еден народ. Тој (народот) е принуден секојдневно да „оди“ по жица, да ја „става“ главата во устата на лавот, му „потпалуваат“ оган во устата со кој се „горат“ едни со други, му „удираат“ клоци по секои избори, како на кловн, накратко, група циркусанти прават циркус од публиката. Тоа е она тажното во најтажниот од сите циркуси. А слонот? „Слонот“ никој веќе не го гледа, иако е среде „собата“ и со секое помрднување ги крши околу себе зачуваните и преплатени нешта од минатото што треба да се негуваат за малку сегашност и утрешнина…

Фразата „слонот во собата“ потекнува од другата страна на Атлантикот, но веројатно најголема употреба има(ла) на островот – Велика Британија. Означува проблем или прашање што е доволно големо и значајно да е видливо за сите, но чие постоење намерно се игнорира. Вообичаено, фразата сугерира горливо прашање, кое не може (и не смее) да се игнорира, кога проблемот нараснал како слон и го исполнил просторот.
Во Британија, еден таков пример (беш)е прашањето за Северна Ирска, по што е снимен документарец со називот „Слонот“ (1989 година), каде што тамошниот (тогашен) конфликт е прикажан како слонот од дневната соба. Еден друг „слон во собата“ е оној на светската сиромаштија, кој британскиот уметник и активист Бенкси, познат по сатирични графити врз градбите по светот, во духот на фразата, го обои (живиот слон) во розов тапет како дел од ентериерот на изложбата во Лос Анџелес, истакнувајќи го она што глобално се игнорира.

Најновиот британскиот „слон“ би можел да биде суспензијата на парламентот и промоција на еден инаков вид глимфатичен механизам во ликот на новиот премиер по прашањето на брегзитот – „чистачот, тоа сум јас!“ Нејсе, демократската хигиена на тамошниот циркус е далеку од грижата на овој циркус, но сурлата на империјата досега(ла) и овде. Нејзиниот империјален слон некогаш ги газел како од шега африканските и индиските слонови, но денес е софистициран: може да се врти меѓу витражи и мурано, а да не скрши ништо освен суштинското – темелите. Контролиран пад, без многу прашина.

Денес светот е една голема соба полна со „слоновите“ на лажната демократија, мир и благосостојба, лишени од благородност и сеќавање. Наспроти нив, нашите „слончиња“ задоени другде, а озабени овде, изгледаат смешно, но не прават смешни работи. Нивните „одгледувачи“ (политичарите) за секое слонче одговараат како комичарот Џими Дуранте во „Џамбо“ од 1962 година, кога полицијата го прашува: „Каде со тој слон?“, а Дуранте, исправен пред слонот и невешто криејќи го, одговара: „Кој слон?“ Политичарите не помнат ништо, освен иднината. Секојдневните фолови и автоголови се циркус во циркусот, да ја држат публиката (народот) на штрек, како во РЕМ-фазата на сонот, каде што се брише границата меѓу јавето и сонот.

Во РЕМ-фазата човек не може да дејствува поради привремена парализа на мускулите – невронските инхибитори во крвта го спречуваат во тоа, инаку којзнае што би направил кога верува дека сонот е реалност, како што се случува во РЕМ.
Но затоа дишеме, срцето ни чука и очите се движат. Којзнае што сè е способен да стори еден народ ако се разбуди и разбере дека сè е „само фол и евтин трик“, дека овој циркус нема ништо заедничко со циркусот од детството и песната на Џоле, дека политичкиот циркус што од него направи кловн, му се продава како сон и нема намера да престане. Одамна не е смешно и многумина веќе ја сфатија претставата. Овој циркус треба да заврши и замине оттаму од каде што дојде – иднината што нема да се случи! Дотогаш, ќе ја слушаме само (на) старата плоча онаа елегична одјава: „Добра ноќ, дами и господа, ете, и оваа претстава е завршена, се надевам уживавте во неа, беше задоволство да се глупираме за вас сите изминати години…“

Авторот е магистер по мир и развој и поет