Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на истражувањето на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), насловено „Ворлд фактбук“, или светска книга на факти, балканските држави се соочуваат со намалување на бројот на население и со миграција надвор од државите, која, според експертите, пак, дејствува незапирливо и има загрижувачки размери. Истовремено, во податоците на ЦИА пишува и дека Македонија во моментов има вкупно население од 2.118.946 граѓани

Државите на Балканот, единствено со исклучок на Словенија, се соочуваат со негативен тренд на намалување на бројот на своето население и со миграции и иселување на граѓаните. Ова се загрижувачките податоци што се објавени на веб-страницата на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), во истражување насловено „Ворлд фактбук “, или светска книга на факти.
Во секцијата веб-страницата на ЦИА, во делот на интерактивни мапи и анализи, се запишани информации за вкупно 228 држави од светот и се заклучува дека во најголем дел населението на земјите од нашиот регион се намалува, и тоа се иселува во странство, за разлика од земјите како Луксембург, Кипар, Малта, Шпанија и Сан Марино, каде што, пак, се забележани позитивни промени на салдото на населението, но и нема регистрирано голем број миграции и иселувања.

Според „Ворлд фактбук“, најголем пад на населението на Балканот е регистриран во Црна Гора, каде што приближно има петмина иселени на 1.000 граѓани, на второ место е Албанија (-3,30 отсто), следено од Косово (-2,6), Хрватска (-1,4), Босна и Херцеговина (-0,4), Бугарија (-0,3). Србија, пак, има миграциско салдо нула, односно нема ниту пад ниту пораст на бројот на население, иако е регистрирано значително иселување од државата. Македонија има ниска стапка на пораст од 0,1 отсто.
Во делот наменет за Македонија, пак, на веб-страницата е запишано дека, според последните информации од 2018 година, имаме позитивен прираст на бројот на населението од 0,1 отсто, но истовремено имаме регистрирано миграции и иселување од 0,7 проценти на стапка од 1.000 граѓани.

Во податоците на ЦИА пишува и дека нашата држава во моментов има вкупно население од 2.118.946 милиони граѓани.
Демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека ваквите загрижувачки информации што се објавени во истражувањето на „Ворлд фактбук“ кореспондираат со слични претходно направени анализи на Светска банка, на Обединетите нации, но и на многу други меѓународни организации и невладини и владини институции.

Според него, овој тренд на одлив на население и иселување, гледано во европски рамки, не важи само за Балканот туку е присутен во државите од Југоисточна Европа, но и во земјите што настанаа со распадот на Советскиот Сојуз.
Демографот истакнува дека миграцијата и иселувањето на луѓето од државите од нашиот регион се должат на многу фактори, лошата економија, слабите можности за успех во кариерата, политичките влијанија, ниските плати, несигурната безбедносна клима, малите можности за квалитетно образование и желбата за живот во подобро општество.

– Кога говориме конкретно за Македонија, ние имаме практичен проблем точно да ги утврдиме вистинските цифри, бидејќи сето тоа се должи на комплицираната ситуација на неспроведување попис, но и на недостигот од официјални регистри за миграции на земјите, кои на пример ги имаат оние балкански држави што се сега членки на ЕУ и НАТО – вели Герасимовски.
Според него, Словенија отстапува од сите други во регионот, а тамошното население не мигрира во странство и не се иселува, бидејќи земјата има силна економија, висок стандард и подобар квалитет на живот.

– Иако немаме прецизни информации за иселувањето на Македонците, мораме да знаеме дека таа појава кај нас е традиционално присутна, а според некои неофицијални процени гледано, од 1960-тите години, кога иселувањето било најмасовно, па наваму, од државата во потрага по подобар живот се иселиле меѓу 700.000 и 500.000 Македонци – резимира демографот.

[email protected]