Цврсто вето или монета за поткусурување?

Оттука ветото на Франција не треба да се гледа исклучиво како цврсто вето, туку дека проширувањето на ЕУ е на масата заедно со други прашања, и дека по брегзит и воспоставувањето на Европската комисија, во второто тримесечје на 2020 година можеби ќе се отвори нова можност за проширувањето

Продолжуваат ехото и дебатата за одлуката на ЕУ, како и што ќе се случува по одлуката. Во дебатите постои консензус дека ЕУ е сон што треба да продолжиме да го сонуваме, односно Македонија нема геостратегиска алтернатива, барем не без цена што не би можеле да ја платиме и преживееме. Веќе на маса се и неколку предлози за план Б. Сите предлози за план Б, не се планови за алтернатива на ЕУ, туку што ќе направиме за понатамошна модернизација и реформи без ЕУ-членство во видик следните најмалку десет години. Што треба да направиме дома, и надвор, дали има алтернативни европски асоцијации, дали има регионални планови што треба да ги истражиме, кои ќе значат напредок и подготовка за ЕУ-членство без ЕУ-членство? Има и гласови и ставови дека треба да се отфрлат сите предлози за план Б, и да се инсистира на план А, ЕУ да одреди датум за преговори во 2020 година и да се започнат преговорите за членство во ЕУ. Во основа, планот А и предлозите за план Б, немаат различна крајна цел, и во двата плана тоа е ЕУ-членство, дилемите се како да се пристапи, а клучот е во разбирањето на интересите на Франција, дали станува збор за цврсто вето за проширувањето на ЕУ или за монета за поткусурување во франко-германските разговори за иднината на ЕУ?

Кои се аргументите и контрааргументите во дефинирањето на интересите на Франција, во однос на цврсти позиции или монета за поткусурување во франко-германските разговори за иднината на ЕУ. Многумина ќе се согласат дека Емануел Макрон покажува повеќе лидерство за ЕУ-иднината, а дека нервозата во главните градови на членките на ЕУ е околу неговата унилатералност. Од друга страна, нервозата на Макрон и Франција е поради бавноста на одлучување во Германија, со Меркел на заминување и водена од големата коалиција на СДУ и СПД.

Спротивставувањето на Макрон на проширувањето на ЕУ, не е одлука на еден човек, туку одраз на политиките на Франција децении претходно. На пример, на социјалните медиуми некој сподели насловна на весникот „Вест“ од пред десетина години, дека главна пречка на одредување датум за преговори е Саркози, тогашниот претседател на Франција. Дополнително по членството на Хрватска, тогашниот претседател вети дека за сите следни земји-членки ќе се одлучува на референдум. Тоа може да помогне во разбирањето на противењето на Франција, кое е противење на проширувањето на ЕУ, наместо продлабочување на ЕУ. Сега во моментот на брегзит кога В. Британија, главниот поддржувач на проширувањето, нема влијание во ЕУ, е моментот кога Франција може посилно да ги промовира своите интереси. Франција е противник на проширувањето генерално, бидејќи постои уверување дека ЕУ треба да бидат само ЕУ-јадрото (главно членките на еврозоната). Франција е клучен промотор за ЕУ со разни брзини, каде што јадрото (еврозоната) би одело со продлабочување (федерација), а потоа би следувале втората група, главно Источна Европа со полесни врски, а можеби и треба група каде што би имало место за земји како Русија и Турција, кои се членки на Советот на Европа. На ваквото генерално противење на Франција, се надоврзува верувањето дека проширувањето работи во добивка на Германија. И секако назадувањето во Унгарија и Полска или, пак, корупцијата во Бугарија и во Романија се употребува за потврдување на аргументите против проширувањето.

Но франко-германските разидувања не се само околу проширувањето, тие се и на други надворешнополитички теми или секако на темите за натамошно продлабочување на ЕУ. Се чини Меркел и Германија не се заинтересирани за повеќе ЕУ, и во одредени постапки како „Северниот тек 2“ и во однос на „Хуавеи“, ги игнорира ставовите на Брисел и постапија во согласност со сопствените економски интереси. Од друга страна, Макрон гледа поголема улога на Русија во безбедноста на ЕУ, нешто за што Меркел не може да се согласи. Меркел и Германија ги игнорираат и предлозите на Макрон за реформи во еврозоната или, пак, реформите во ЕУ-буџетот, како на пример условност на трансферите кон Унгарија и Полска.

Повеќе франко-германски разидувања се рефлектираат во изборот на Европската комисија, и се чини доколку се надминат тие недоразбирања, можно е да се отвори простор за надминувања и на други разлики. Оттука ветото на Франција не треба да се гледа исклучиво како цврсто вето, туку дека проширувањето на ЕУ е на масата заедно со други прашања, и дека по брегзит и воспоставувањето на Европската комисија, во второто тримесечје на 2020 година можеби ќе се отвори нова можност за проширувањето. Според некои извори, Париз нема вечно да ја блокира ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан, но секако ќе инсистира на договор за нов процес на проширувањето. Една од идеите е дека земјите од Западен Балкан ќе бидат делумни членки во одредени ЕУ-подрачја, пред да постигнат целосно членство со право на глас.

Оттука, Македонија, може да постапува по планот А во 2020 година, и доколку не се исполни да биде подготвена за план Б. А прв чекор во планот А е донесување на Законот за јавно обвинителство, пред да се појде на избори. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со неизвесност на изборите, кој ќе биде власт, а кој опозиција, треба да постигнат договор за Законот за јавно обвинителство, кој ќе биде добар за земјата и за идните власти и опозиции.
Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ #ДатумБез
Датум #ПланБ #ЕУБезЕУЧленство