Ин мемориам: Тамара Арсовска (1933- 2019)

Тамара Арсовска (86), позната македонска новинарка, публицистка и преведувачка, нѐ напушти деновиве, но зад неа ќе останат многу напишани дела, некои посветени и на најмладата читателска публика. Таа беше и голема пријателка и поддржувачка на додатокот за деца „Колибри“, знаеше да пофали, но и да даде добронамерна критика, па и да иницира нешто ново и интересно.

Родена е во Крагуевац на 9 април 1933година. Татко ѝ бил шумарски инженер, Русин, па поради потребите на службата имале повеќе преселби. Основно и гимназиско образование завршува во: Мостар, Ниш, Кичево, Штип и Куманово Завршила на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а по дипломирањето работела како професорка по македонски јазик и литература (1955-1961 г.), а потоа била новинарка-уредничка на Образовната програма на Македонското радио до пензионирањето во 1991 година. Почесна членка на Друштвото на писателите на Македонија е од 2004 година.

Од 1961 до 1990 година работи во Македонското радио. Била уредничка на „Радиоучилиште“ и дел од редакциите на емисиите „Деновиве пред години“, „Радиоуниверзитет“, „Светлини на минатото“, „Видици“ и други.

Арсовска е авторка на повеќе книжевно-публицистички книги, и тоа: „Запаметено време“ (1992), „Блиски средби“ (1992), „Отаде минливоста“ (1994), „Волшебници на зборот“ (1995), „Чекор во третиот милениум“ (1999), „Влезница за иднината“ (2008), „Најубавите писма на великаните“ (2009), „Писателите за себе“ (2010), „Од дневникот на нашите години“ (2011), „Творците и нивното време“ (интервјуа, 2012), „Летописни помненија“ (2014), „Сите наши години“ (интервјуа, 2017). Арсовска ги подготвила и антологиските избори: „Илинденски раскази“ (1978); „Поезија на Револуцијата“ (1985), „Весела книга“ (1996), „Во светот на сказните“ (2006).

Нејзиниот преведувачки опус опфаќа четириесетина дела, меѓу кои и на дела од: Солженицин, Толстој, Цветаева, Албахари, Витез, Максимовиќ, Пол Кристофер, Нелсон де Мил, Лујза Хеј и други.

Добитничка е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: „Климент Охридски“ (1994), „Златно перо“ на Друштвото на преведувачите на Македонија, награда од Културно-просветната заедница на Македонија (двапати), признание од Авторската агенција на Македонија, награда за животно дело од Сојузот на просветните работници – литературни творци и други.