Владата на Хрватска ги зголеми квотите за работни дозволи за странците на 65.000, но се проценува дека во домашниот туристички сектор сѐ уште има недостиг од 15.000 работници

Пред годинашната туристичката сезона хрватските хотелиери и угостители се соочуваат со голем недостиг од сезонски работници. Владата на Хрватска ги зголеми квотите за работни дозволи за странците на 65.000, но се проценува дека во домашниот туристички сектор сѐ уште има недостиг од 15.000 работници, објави ХРТ.
Во Хрватската стопанска комора сериозно размислуваат за увоз на работна сила од Далечниот Исток, од каде што велат дека има сериозни најави за ангажирање 10.000 работници од Филипини. Ино Мунитиќ, сопственик на поморска агенција, вели дека Филипинците се многу лојални, квалитетни, добри и чесни работници.

Од ХСК се залагаат за укинување на сегашниот модел за определување квоти за вработување лица од странство. Даворко Видовиќ, советник за работна политика и вработување, предлага работодавците да ги искажуваат своите потреби за работници во Хрватскиот завод за вработување.

– Доколку во рок од седум дена за соодветното работно место не се јави невработено лице од Хрватска, тогаш работодавецот да може да ангажира работник од странство – вели Видовиќ.

Joже Томаш, директор на Стопанската комора од Сплит, вели дека квотите не се искористени затоа што работниците од соседните земји, од каде што главно се пополнуваше недостигот, не се заинтересирани да работат во објектите на хрватското приморје.

Сандра Чаниќ, раководителка на Одделот за човечки ресурси во голема хотелска компанија, вели дека фирмите во туристичкиот сектор не треба да чекаат во последен момент да ангажираат сезонски работници.

– Имаме голем број практиканти во текот на годината, а ангажираме и голем број приправници. Тоа се големи канали, од каде што се стекнуваме со добар кадар во угостителските дејности – вели Чаниќ.