Со освојувањето на златните медали на ЕП во Барселона 2010, Хелсинки 2012, Цирих 2014, Амстердам 2016 и 2018-та во Берлин, Перковиќ влезе во историјата како единствена атлетичарка што освоила злато на пет шампионати едноподруго

Фантастичната далечина од 67,62 метри во дисциплината фрлање диск на Европското првенство (ЕП) во Берлин, на Хрватката Сандра Перковиќ (28) ѝ го донесе петтото европско злато во низа. Со освојувањето на златните медали на ЕП во Барселона 2010, Хелсинки 2012, Цирих 2014, Амстердам 2016 и 2018-та во Берлин, Перковиќ влезе во историјата како единствена атлетичарка што освоила злато на пет шампионати едноподруго.

– Ништо не беше лесно за мене за освојување, така и овој успех не е исклучок. Но успеав да останам фокусирана и навистина не можам да опишам колку сум задоволна и горда по освојувањето на петтиот медал на европските првенства – напиша Перковиќ на социјалните мрежи по триумфот во Берлин.
Перковиќ е и двократна светска (на СП 2013 во Москва и 2017-та во Лондон) и двократна олимписка шампионка (од Лондон 2012 и од Рио 2016), како и шесткратна победничка на Дијамантската лига (од 2012 до 2017).

На Перковиќ не ѝ одеше најдобро во првите серии, но потоа префрлените 67,62 метри во четвртата серија беа недостижни за германските ривалки, Надин Милер, која го освои среброто со речиси пет метри послаб резултат (63), и Шанис Крафт, која заврши трета (62,46 метри).

Импресивна победа и втор златен медал на ЕП во Берлин освои норвешкиот тинејџер, 17-годишниот Јакоб Ингебритсен, кој по титулата на 1.500 метри за помалку од 24 часа стана европски шампион и на 5.000 метри, победувајќи го својот постар брат Хенрик во една од најневеројатните трки на ЕП. Јакоб патеката ја истрча за 13:17,06 минути, второпласираниот, постариот брат Хенрик, имаше време од 13:18,75 минути. Двојна титула во Берлин освои и Британка Дајна Ашер-Смит, откако по победата на 100 метри, триумфира и во трката на 200 метри со време од 21,89 минути. Второто и третото место го освоија Холанѓанките Дафне Шиперс (22,14) и Џамил Самуел (22,37 минути).

Нови европски прваци во маратон се Белорусинката Вола Мазуронак, која патеката ја мина за 2:26,22 часа и Белгиецот Коен Наерт (2:09,51) што е најбрзо време на шампионатите.