На голем број хрватски граѓани личната заштеда им е заробена во недвижен имот

Цената на недвижнините во Хрватска нереално расте поради психолошкиот момент на сопствениците и чувството дека ќе изгубат при продажбата

Во Хрватска цените на становите што долго време се нудат на пазарот на недвижнини се спротивни на економската логика кога побарувачката е мала цените да паѓаат. Дури се забележува и извесен скок на цените, во пресрет на новиот круг на субвенционирање за подигање станбени кредити. Вредноста на недвижниот имот дополнително порасна во целата земја, а особено во Загреб и на приморјето. Цените на користените станови на одредени локации речиси се приближуваат на цените во новоградбите, кои исто така поскапеа.

„Дојче веле“ направи анализа за причините за порастот на цените на пазарот на недвижнини. Една од нив, секако, е државната интервенција. Субвенциите се доделуваат во определен краток период, па затоа купувачите се согласуваат на повисоки цени, што им го „подгризнува“ поголемиот дел од субвенциите. Но главна причина е зголемената побарувачка на станови, затоа што граѓаните поради ниските каматни стапки за штедни влогови, парите ги инвестираат во недвижнини.
Боро Вујовиќ, сопственик на агенција за недвижнини, вели дека во еден месец забележале пораст на купување станови во готовина за 60 отсто.

– Во психологијата на Хрватите е да штедат во тули, тие не се научени да вложуваат во злато, акции или во обврзници Луѓето размислуваат за сопствената иднина, во која основното прашање е дали ќе имаат пензии и во колкав износ. Недвижнините можат да ги изнајмуваат и да им носат сигурен приход – вели Вујовиќ за ДВ.

Но прашање е што предизвикува драстично покачување на цените, во случаи и кога недвижнината по неколку месеци не може да најде купувач, а такви станови и куќи има во изобилство, поради масовното иселување од Хрватска.

– На голем број хрватски граѓани богатството им е заробено во недвижен имот. Доколку имотот не се продаде по посакуваната и пазарна цена, тие губат од своите претходни инвестиции – објаснува Никола Ерцег, асистент за психологија на Филозофскиот факултет во Загреб.

Тој учествува во работата на колегиумот за психологијата во потрошувачкото однесување и вели дека, од психолошки аспект, ваквото однесување на продавачите на станови произлегува првенствено од т.н. „аверзија кон загубата“.
– Поедноставно кажано, луѓето не сакаат да губат. Во случај на продажба на станови, тие ризикуваат со повисока цена и во неможност да го продадат, само за да не доживеат чувство на губиток. Иако таа загуба е само субјективно чувство, споредено со тоа што тие очекувале да го добијат, бидејќи не мора да биде и објективна загуба, во споредба со реалните цени на пазарот. При ова се занемарува е цената од вакво „коцкање“, а тоа е пропуштената можност недвижнината да се претвори во ликвидни средства, кои може да се инвестираат во нешто поквалитетно – вели Ерцег.
Како што објаснува Ерцег Некои, сопственици на недвижнини се подложни на феноменот „ефект на поседување“. Луѓето повеќе ги вреднуваат своите предмети кога ги поседуваат отколку кога не ги поседуваат.

– Во едно истражување на едната група ѝ биле поделени шолји за кафе, а на другата група не. Нивна задача било да одредат колку вреди една шолја. Тие што ја поседувале барале повисока цена, а оние што ја немале нуделе пониска. Во случајот со недвижнините, состојбата е покомплексна, затоа што тие се со поголема вредност. При стекнувањето се вградени повеќе елементи и лични емоции. Од оваа перспектива, не изненадува тоа што граѓаните ги вреднуваат становите многу повеќе од она што го определуваат од агенциите како објективна цена, а тоа е колку купувачите се подготвени реално да платат – заклучува Ерцег.

Боро Вујовиќ проценува дека ваквата состојба нема да потрае подолго време. Ниту инвеститорите во изградба на станови не очекуваат пораст на цените и се загрижени дали тие ќе останат на ова ниво. Веќе се забележуваат и мали корекции во цените на станбен квадрат во Загреб. Некои станови што биле нудени за странските туристи веќе се враќаат на пазарот на недвижнини, а понудата е веќе голема. Но, како што забележува Вујовиќ, некои продавачи ќе ги задржат високите цени поради алчност и желба за добра заработка, а така ризикуваат и да загубат поради драстичното намалување на цените за становите.