Дури 60 отсто од граѓаните во сите 28 членки на ЕУ сметаат дека членството е пожелно и корисно, но во Хрватска тој процент изнесува 36 отсто, што претставува пад од цели седум отсто

Граѓаните на Хрватска по пет години од влегувањето во Европската Унија не ги почувствувале придобивките од членството и сѐ повеќе се иселуваат од земјата. Најновото истражување за расположението на граѓаните во ЕУ кон оваа асоцијација, т.н. Евробарометар, не покажа позитивни резултати кога станува збор за Хрватска, објави радиото Дојче веле.
Резултатите објавени пред неколку дена покажуваат дека во поголемиот број членки во ЕУ се забележува позитивна наклонетост кон европската заедница, со исклучок на Хрватска. Дури 60 отсто од граѓаните во сите 28 членки на ЕУ сметаат дека членството е пожелно и корисно, но во Хрватска тој процент изнесува 36 отсто, што претставува пад од цели седум отсто во споредба со податоците обработени во истиот период лани, пренесува Дојче веле.

Индикативно е тоа што 49 отсто од хрватските испитаници имаат неутрален однос кон ова прашање, што значи речиси половината од граѓаните се рамнодушни кон членството на својата земја во ЕУ, или го доживуваат како состојба што е еднакво добра и лоша.
Загрижувачки се податоците од Евробарометар дека 46 отсто од анкетираните граѓани на Хрватска верува дека состојбите во ЕУ се развиваат во лоша насока. Ова е причина да се постави прашањето од каде произлегува сомничавиот став во хрватската јавност, наведува Дојче веле.
– Падот на довербата во однос на ЕУ не е нималку изненадувачка вест – вели Берто Шалај, од Факултетот за политички науки во Загреб, кој забележува дека чувството на припадност и заемност со некоја поширока заедница се создава најпрво низ економскиот и социјалниот канал.
Според неговото мислење, Европската Унија не функционира така во практиката, не обезбедува квалитетно здравство, образование или социјални служби. Напротив, здравството во Хрватска со години се урнисува, а за образованието само се зборува, наспроти нив, пензионерите во Хрватска имаат сѐ полош животен стандард.

– Ако не се добие солидарност од некој посилен не може да се очекува ни изразување на припадноста кон нив. Но тоа е само еден дел од проблемот – изјави Шалај за Дојче веле.
Вториот проблематичен аспект се однесува на заедничкото одлучување за важни политички прашања и сопствената судбина во рамките на ЕУ.
– Очигледно Брисел ги одзема механизмите на одлучување подалеку од народот и тоа не важи само за Хрватска. Европскиот парламент за ништо позначајно не се прашува, од каде што и произлегуваат разочараноста и недовербата кај луѓето. Ова е добар одговор на сите што се чудат зошто во Хрватска расте популарноста на една т.н. евроскептична партија, која заговара излегување од ЕУ, без разлика на нејзините компетенции – заклучува Шалај.