Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, беше изложена на критики од сите страни затоа што се обиде да понуди план за запирање на иселувањето

Мерките за подобрување на демографската слика на Хрватска, кои се содржани во планот на претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, се популистички и претставуваат убав список на желби, без конкретни временски рокови за нивно реализирање. Ова се критиките што доаѓаат од стручната јавност, како и од опозицијата, но и од партиите на власт.
Во Хрватска веќе подолго време се води остра полемика за тоа како да се спречи големиот иселенички бран што ја зафати земјата по нејзиното зачленување во Европската Унија. Под притисок на јавноста во неа се вклучи и претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, која отворено влезе во конфликт со премиерот Андреј Пленковиќ, за тоа дека Владата недоволно се ангажира за ова прашање. Наспроти ова, од лидерот на опозициската Социјалдемократска партија стигнаа обвинувања дека овој судир на релацијата премиер – претседателка е фингиран за да се избегне одговорноста за лошата демографска слика во земјата.
– Да се биде рамнодушен за фактот за нашето демографско исчезнување би значело да се откажеме од иднината – изјави Колинда на завчерашното презентирање на нејзиниот план за демографски раст во Хрватска.

Мерките за семејната политика ги групираше во три сегменти: финансиски мерки и олеснувања, услуги за згрижување на децата, воведување дополнителни слободни денови за родителите и воведување универзален детски додаток. Акцентот го става на мерките за враќање на иселениците и предложи да се формира министерство за демографска ревитализација.
Мерките на претседателката на Хрватска ги пофали демографот Марин Стрмота, кој, незадоволен од политиките на Министерството за социјална политика, во февруари поднесе оставка од местото државен секретар.
– Задоволен сум од мерките зашто тие се конкретни и сеопфатни. Во претседателскиот кабинет сфатија дека демографските мерки се дел од развојната политика – изјави Стрмота.
Неговата поранешна шефица, односно министерката за демографија, семејство, млади и социјална политика Нада Мурганиќ во врска со мерките на претседателката на Хрватска рече дека тие се во рамките на политиките и програмата на актуелната влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
– Претседателката го нагласи тоа што е вистина и што веќе го знаеме -демографските мерки можат да се воведуваат постепено и во согласност со економскиот раст, односно со можностите на државниот буџет – вели Мурганиќ.

Претседателот на најголемата опозициска партија Давор Бернардиќ во интервју за Хрватското радио изјави дека единствена демографска мерка е добро платената работа, а сѐ друго е продавање магла.
– Целта ни е да го запреме иселувањето. Од СДП предложивме конкретен план за младите и за прекинување на иселувањето преку бесплатни учебници, бесплатни градинки, зголемување на детскиот додаток, кофинансирање во изнајмувањето станови и ослободување на придонесите при вработување на младите до 35 години. Жалам што владејачките партии тоа не го ставија на дневен ред – вели Бернардиќ.
Лидерката на партијата Глас, Анка Мрак-Тариташ, даде саркастичен коментар на предложените мерки од Колинда Грабар-Китаровиќ.
– Вистина е дека луѓето заминуваат од Хрватска поради клиентелизам, неефикасно правосудство, корупција и поделба на општеството. Но не знам како за решавање на овие проблеми помага фактот што претседателката на РХ се дружи токму со такви ликови, како Здравко Мамиќ и слични на него – порача таа на Твитер.
Со критики на адреса на претседателката се огласија и партии од владејачката коалиција. Претседателот на Клубот на пратениците на ХНС, Милорад Батиниќ, оценува дека мерките на популациската политика претставени од Грабар-Китаровиќ претставуваат убав список на желби, без да се утврдат временските и финансиските рамки.
– Демографските мерки на претседателката на РХ во поголемиот дел се добри и позитивни желби, но сите мора да бидеме свесни дека парите не растат на дрвја – заклучи Батиниќ.
Поранешниот премиер Зоран Милановиќ забележа дека е лесно од страна да се даваат совети, а притоа да не одговараат за ништо.
– Не може хрватската влада да ги реши проблемите во демографијата на популистички начин што се применува од поголем број луѓе – рече Милановиќ.