Австрискиот скијач по рекорден деветти пат победи во Аделбоден и е на најдобар пат по, исто така, рекорден, осми пат да триумфира во СК, а во моментов е на 19 победи до 86-те на водечкиот, славниот Швеѓанец Стенмарк во СК

Австриецот Марсел Хиршер (29) ја потврди доминацијата со триумфот во слалом во швајцарскиот зимски центар Аделбоден, рекорден деветти на една иста патека, со 16 искачувања на победничкиот подиум што, исто така, е рекорд. Со тоа Хиршер, кој претходно победи и во велеслаломот во Аделбоден ги надмина рекордните постигнувања од по осум триумфи на Ингемар Стенмарк во италијанската Мадона ди Кампиљо (во 70-тите и 80-тите години од минатиот век) и на Аксел Лунд Свиндал во Лејк Луис, Канада (од 2005-та).

Хиршер, исто така, има осум победи, во Алта Бадија (Италија). Тој и Стенмарк се единствените што забележале по пет слаломски победи на две патеки. Италијанецот Алберто Томба има пет победи, но на една патека, на домашен терен во Сестриере. Хиршер стигна и до 67-та победа (девет сезонава) во Светскиот куп (СК) и заостанува 19 зад рекордните 86 на Стенмарк. Од актуелните скијачи повеќе победи од него има само Американката Линдзи Вон, 82.

– Неверојатно, ова е потврда за моите квалитети и за успешните настапи во минатите седум години. Оваа патека ми е посебно драга, тука го забележав првиот пласман меѓу првите 10 во јануари 2008 година, потоа девет пати победив, 16 пати се искачував на победничкиот трон, не можам ништо повеќе да си посакам – изјави Хиршер.

Хиршер е водечки во слалом, во велеслалом и во генералниот поредок со 976 поени, дури 405 повеќе од Норвежанецот Хенрик Кристоферсен и е на најдобар пат по рекорден, осми пат едноподруго да победи во Светскиот куп.