Во филмската индустрија постои термин „хипхоп-монтажа“, кој се однесува на брзите, кратки и нагли резови на кадрите. Времетраењето на овие кадри се движи од една до три секунди, за да прикаже движења, настани и информации во краток временски период, но и да пренесе енергија и немир. Се разбира, во филмската индустрија кратките кадри биле практикувани многу порано, но т.н. хипхоп-монтажа својот врв го доживува во новиот милениум, покажувајќи го современиот и брз начин на живот.

Името на оваа техника на монтирање ѝ го дава познатиот американски режисер Дарен Аронофски. Тој во своите први два филма од крајот на 1990-тите години и почетокот на новиот милениум, „Пи“ и „Реквием за еден сон“, хипхоп-монтажата ја употребува за прикажување употреба на дрога, но и други вознемирувачки сцени. Според зборовите на Аронофски, брзите резови се инспирирани од хипхоп-културата од последната деценија на минатиот век. Само за илустрација, филмот „Реквием за еден сон“, кој трае 102 минути, има над 2.000 што е за неколкупати повеќе од просечен филм. Така, на едно место во филмот Аронофски во седум секунди успешно сместува дури девет сцени, кои во мошне краток временски период на публиката ѝ го доловуваат пазарот на дрога (андерграунд, сенки, траума, темнина).

Познати режисери што ја практикуваат хипхоп-монтажата, меѓу другите, се и Гај Ричи, Едгар Рајт, Џозеф Гордон Левит и Пол Томас Андерсон, чии филмови се експлозивни, набиени со енергија, кои содржат сцени со употреба на дрога, насилство и отворена сексуалност, но исто така можат да содржат хумор и иронија, придонесувајќи за создавање конфузна атмосфера. Посебно внимание им се посветува на звуците, како на пример: отворање лименка пиво или сок, употреба на запалка, пуштање вода од чешма, отворање врата, ставање шеќер во шолја итн. Треба да се напомене дека многу од филмовите на претходно посочените режисери се оценети и рангирани како филмови од категоријата Р („задолжително присуство на родител или старател до 17 години“) или од категоријата НЦ-17 („само за возрасни: забрането за малолетници“).
Во музичката индустрија, како што може да се заклучи од името на самата техника, хипхоп-монтажата веќе е одомаќинета во хипхоп-видеата. Исто така, брзи кадри се употребуваат во реклами, но и при реализација на документарни филмови за доловување ефекти на минливост на времето, опасност, забава и работа, како на пример во британската серија „Уредување на крнтии“.

За да нема забуна, да ги решиме дилемите: хипхоп-монтажата е техника на монтирање инспирирана од хипхопот, но не се однесува и нема никаква врска со хипхоп-музиката и спотовите.

Славчо Ковилоски