Класичните бензински и дизел-автомобили полека но сигурно заминуваат во историјата. Сè почесто се зборува за алтернативни решенија за погонување на новите возила, електричните возила земаат замав на светските пазари и драстично е зголемен интересот за нив. Но, за целосна и комплетна имплементација на електричните возила ќе треба да помине подолг временски период, а дотогаш како главна алтернатива на класичните автомобили ќе бидат хибридите.

Хибридите всушност претставуваат возила што користат два или повеќе типови енергија или начини на погонување, со комбинација на класичен мотор со внатрешно согорување и одредени типови електрични мотори. На пример, некои хибридни возила функционираат на принципот така што класичен дизел-мотор ги стартува возилото и неговото движење, за потоа при кратко возење погонот да се префрли на електричен (самополнечки) мотор и возилото целосно да се движи со електрично создадената енергија, а доколку е потребно батериите можат и да се полнат.
Додека во Македонија сè уште не се многу популарни, хибридите во светот веќе дваесетина години успешно се продаваат на пазарите и со брзиот развој на технологијата, денес се доведени скоро до технолошка перфекција.

Постојат повеќе причини за тоа зошто хибридите сигурно ги преземаат светските автомобилски пазари. Пред сè, тие се многу економични, не ја загадуваат животната средина и не создаваат бучава, а луѓето што ги возат не чувствуваат разлика помеѓу нив и класичните автомобили.
Првенствено, хибридите нудат одлична и ниска потрошувачка на гориво. Поголемиот дел од овој вид возила имаат релативно ниска кубна зафатнина на моторот и заедно со електромоторот и батериите во возилото нудат комбинација што е многу поволна за корисниците. Реално гледано, секој вид хибрид има различни видови побарувачка на струја и на гориво, но во сите случаи хибридите се драстично поевтини во однос на потрошувачката од класичните автомобили на бензин, дизел или плин.

Друг аспект што ги прави хибридите популарни кај купувачите во светот е ниското ниво на издувни гасови, односно високите еколошки придобивки од нив. Новите хибриди покрај оваа придобивка, нудат и најнови технолошки решенија од типот на екрани на допир, конекција со сателитска навигација и покажување сообраќајни метежи во реално време.
Хибридите најчесто се користат за градско возење, особено во големите светски метрополи. Уште една од многуте придобивки од овој тип возила е тоа што се тивки и не предизвикуваат никаква бучава. Одредени хибриди, со префрлање на погонот на возилото од бензински или дизел на електричен мотор, можат да се движат дури 60 километри, што е голем плус за градовите каде што има километарски долги колони со автомобили и бучавата од нив создава сериозни проблеми.

Брзото и константно развивање на хибридните автомобили отвора простор за усовршување на технологијата за електрични автомобили, која се смета за иднината на авто-мото индустријата. Засега, светот треба, но и може да се задоволи со комбинацијата на класичните мотори со внатрешно согорување и електричните мотори, бидејќи ова е принцип на функционирање на возилата од кој има голем број бенефиции за купувачите, но и за животната средина.