Во последно време во контекст со договорот меѓу Македонија и Грција буквално сме бомбардирани со хеленизмот и хеленистичката култура. Без оглед на контекстот дали станува збор за историски или за политички текстови, секогаш и без потреба сè започнува со хеленизмот. Како да е македонскиот народ недоветен, ни се објаснува што се Хелени, хеленизам, хеленистички… Понатаму ни објаснуваат дека треба да се прави разлика помеѓу хеленска и хеленистичка култура. Хеленска значи грчка цивилизација, писменост и култура, додека хеленистичка била мешавина од источна, македонска и хеленска култура, која траела и се создавала од времето на Александар Трети Македонски до Клеопатра Седма Македонката (период од 3 века). Бидејќи била мешавина од три култури не можела да се нарече македонска, па била наречена хеленистичка. Види чудо. Македонски концепт, македонска идеја, реализирана од Македонците во македонска држава, а периодот и културата хеленистички. Сепак врв на научниот дилетантизам и перверзија е тврдењето на ,,научниците“ дека хеленизмот се поврзувал и идентификувал со космополитизмот на Александар Трети Македонски и неговата универзална држава на обединети народи.

Овде се прави брутална замена на тези за подоцна да се изврши грабеж на културното и цивилизираното наследство и истото тоа да се претури во туѓа вреќа – грчката. Имено македонизмот, македонскиот космополитизам и концепт на владеење се заменува со хеленизам и хеленистички. Александар навистина бил космополит. Во неговата држава сите народи јазици и религии беа рамноправни. Рамноправна беше и жената, а ропството се презираше. Тој изгради држава на три континенти во која се живееше без војни и ропство, држава за која и денес копнеат многу народи.
Споредете го ова со бруталниот хеленски концепт на владеење – робовладетелски, во кој робовите, жените и доселениците немале никакви политички права. Само 20 отсто од жителите на Атина можеле да учествуваат во политичкиот живот. Според Еврипид и неговата трагедија ,,Архелај“, Данај родоначалникот на Данајците (предци на денешните Грци) по доселувањето од Африка и преземањето на власта донесе закон според кој оние што дотогаш се нарекуваа Пелазги (староседелците) да се нарекуваат Данајци. Еве дециден доказ за првата насилна асимилација во Европа. Исто е и денес. По окупацијата во 1912 година веднаш го забранија македонскиот јазик, ја променија топонимијата, почнаа протерувања, размена на население…

Тука се манифестира научниот дилетантизам на нашата наука. Космополитскиот и хуман македонски концепт на владеење на Александар и на неговите наследници, со замена на тези, се именува според бруталниот хеленски концепт на владеење – хеленизам и хеленистички. Мотивите за овој дилетантизам се мизерни. Тоа се трговија и среброљубје. Имено ниту еден научен проект, симпозиум, книга… финансирани од разноразни универзитети, академии или фондации не се поддржува ако се промовира македонизам. Се финансира само хеленизмот. Тоа нашиве ,,научници“, кои со децении се заседнати во професорски кабинети, многу добро го знаат. Затоа евидентниот македонизам го облекуваат во хеленско руво и буквално научно се проституираат.
Секој оној што сака да разбере што е вистински хеленизам нека го прочита Робер Фласелјер (,,Грција во време на Перикле“) и Тукидит (,,Пелопонески војни“).

Ќе се фрапира. Кај Фласелјер ќе прочитаме: ,,Во Атина живееле 40.000 граѓани со право на глас (атињани по татко и мајка) и дури 200.000-300.000 роба имале и 20.000 доселеници, кои како и жените немале никакви политички права… ако доселеник убиел атињанин следувала смртна казна. Во обратен случај најтешка казна за атињанец ако убиел доселеник била протерување… Во хеленските полиси владееле тоталитарни режими, во Атина работеле само робовите (тешките работи), жените (домашните работи) и странците-доселениците (трговци, занаетчии, учители, филозофи…), а атинските граѓани со рацете на задникот бистреле политика. Зошто? Затоа што според најфрапантниот податок – во очите на Старите Грци мануелната работа заслужувала презир и не му доликувала на слободен човек“.

Уште пофрапантни се податоците што ни ги соопштува Тукидит (5 век пр. н.е.) во 5-та глава од ,,Пелопонеските војни“ во која читаме: ,,Едно од основните занимања на Хелените било пиратството – особено во крајбрежјето. Водачи им биле најмоќните луѓе поради корист… ги напаѓале и ограбувале неутврдените градови и села и од тоа живееле во поголемиот дел. Од тоа не само што не се срамувале туку се гордееле“.
Ова е вистинскиот хеленизам! Сега јавно ги прашувам „трговците“ во македонската наука: „Дали овој и ваков хеленизам ширеше Александар до Индија?“ Секако не! За среќа, античките автори запишале буквално сè, па ние денес многу лесно дознаваме дека тукуречи сите културни и цивилизациски достигања им се припишуваат на барбарите од север и пошироко, а не на Хелените. Со години јавно поставувам едно прашање: „Што има хеленско во хеленистичкиот период?“ Им нудам на нашиве учени сами да одберат 20 најголеми културни и цивилизациски дострели во антиката и да цитираат барем еден антички автор што некој цивилизациски дострел им го припишува на Хелените. Одговор се разбира нема, затоа што тоа му припаѓа на некој друг. Еве некои примери: четворицата родоначалници на европската писменост Лин, Кадмо, Хермес, Орфеј сите од Теба во подножјето на Плакенска Планина (Охридско), Хомеровите епови Бригиски (Алијан), сета митологија од македонската планина Олимп (Страбон, Теофраст, Хесихиј). Првите музеи од Птоломеите (Страбон), прва театарска претстава во Атина ја извел некојси Теспис што се дотркалал на дрвена кола од север, првата музичка скала Бригиската (Елијан, Плиниј и Полибие), првите библиотеки македонските, првите ковачи на железо Скитите (Есхил), прва држава во Европа 9 в. пр. н.е. Македонија (Херодот), прва христијанка Лидија Македонката (дела апостолски), први цркви во Европа македонските (дела апостолски), прв универзитет – Охрид два века пред Болоња и така натаму до каде сакате.

За каков хеленизам и хеленистичка култура пишуваат нашиве „учени“? Но, за среќа, постојат и некои научници што не можат да ја скријат вистината. Таков е Николас Хамонд професорот од „Оксфорд“ и самиот голем хеленофил, но по долготрајните истражувања и откривањето на гробниците во Кутлеш, во своето капитално дело ,,Историја на Македонија“ – Оксфорд 1988 година ќе запише: „Тоа ќе значи дека македонската вештина во металопреработката, јувелирството, изработката на оружје, сликарството, вајарството, изработката на мозаици и предмети од слонова коска по својата совршеност и убавина се речиси ненадминати, што ни дава право да кажеме дека ФАМОЗНАТА ХЕЛИНИЗАЦИЈА ВСУШНОСТ НЕ ПОСТОИ и дека поправедно и поточно би било епохата, која започнала со 334 год. пр. н.е., всушност со освојувачките походи на Александар Трети Македонски во Европа, Азија и Африка, да не се нарекува хеленизам и да не се смета за хеленизација на Балканот, туку да се нарече МАКЕДОНИЗАЦИЈА на ареалот“!

Ваквото гледиште на познатиот професор од „Оксфорд“ за некои наши „угледни“ професори замислете било неприфатливо. Без срам и перде дури тоа и јавно го напишаа. Очигледно подготовките за капитулантскиот договор од Преспа одамна се вршени и тоа од наши ,,научници“. Последиците допрва ќе ги почувствуваме. Мислам дека крајно време е некој да се свести и да започне една сеопфатна чистка во највисоките научни институции.

Љубе Христовски (Дардан Венетски)