Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај вчера на прес-конференција, по откривањето на споменикот на жртвите на нападот врз кулите-близначки на 11 септември, предупреди на опасноста од „српската пропаганда“ против неговата земја заради напорите на Белград да се повлечат признавањата на косовската независност, пишува косовскиот весник „Газета експрес“.

– Продолжуваат обидите на Србија за укинување на меѓународното признание на суверенитетот на Косово – изјави Харадинај.
Во врска со смената на Џон Болтон од позицијата советник за национална безбедност, кој, според медиумите, е поддржувач на идејата за поделба на Косово, премиерот изјави дека САД го штитат Косово, а Болтон не ја поддржуваше идејата за поделба.
– За САД, Косово е линија на фронтот. Убеден сум дека САД ќе бидат со Косово. Слушнавме многу гласини. Никој во САД не ја поддржува поделбата на Косово, вклучувајќи го и Болтон – рече Харадинај.

Тој повтори дека стоотстотните царини за увозот од Србија, кој минатата година го наметна неговата влада, ќе бидат повлечени само откако Србија ќе го признае суверенитетот на Косово.
– Царините ќе бидат повлечени само по признавањето – рече Харадинај.