Јас сум чест посетител на планината Водно. Некогаш се качувам пеш до врвот, но почесто користам градски автобус. Сакам искрено да кажам дека беше добар потегот на градоначалникот на Скопје да воведе вонредни автобуски линии во саботите и неделите кога има поголем број патници. Нивниот број е доста поголем во зимските одошто во летните месеци. Луѓето се на одмор, некои се враќаат во родните места, некои се плашат и се чуваат од горештините, иако во шумата е неколку степени посвежо отколку во самиот град. Во согласност со тоа, бројот на автобусите во летниот период е намален, возат помалку автобуси отколку во другите месеци.

Треба искрено да се каже дека во работните денови, кога има автобус на секој час, нема некој забележителен метеж. Напротив, неретко се случува во автобусот да има двајца-тројца што стигнуваат до Средно Водно, а оттаму избираат начин и насока како ќе продолжат. Но во саботите и неделите е поинаку, пред сѐ затоа што најмногубројни се пензионерите (пензионерки) и младите семејства со деца.

Што е она што ги нервира патниците и она на што сакам да укажам? Речиси сите автобуси на своите табли (банери) немаат видливо назначена дестинација. Забуните порано ги внесуваа ознаките со број 25, 25 А и 25 Б, кои тргнуваа на секои 15 минути, но сега нив ги нема. Сега автобусите сообраќаат на четириесет минути. Но ниту на станиците, ниту на автобуската станица на Водно нема видливи знаци кога тргуваат автобусите. Забуната е особено забележлива на терминалот на Средно Водно. Таму на една табла, на еден најобичен лист хартија е запишано кога тргнуваат автобусите од Железничката станица, кога од Средно Водно. Но тоа е толку непрофесионално направено што е срамота. Тој лист пензионерите не може да го видат, а ако го видат не може да го прочитаат и вистински да се информираат за термините за тргнување. Најверојатно од горештините не се баш најрасположени и возачите да објаснуваат, ако ги прашате кога тргнуваат.

Дополнителна забуна внесува тоа што на електронската страница на ЈСП за саботите и неделите уште стои стариот возен ред со сите автобуси, а не новиот, редуциран. Така беше и минатиот викенд.

На самиот крст на Водно, таму каде што се продаваат повратни билети за жичницата, не можете да добиете никаков одговор бидејќи вработените таму немаат увид во возниот ред на автобусите. Таму горе, нема ниту хартија, ниту табла со информации, а пожелно е да има, бидејќи и автобусите и жичницата припаѓаат на едно претпријатие, тие се под надлежност на ЈСП „Скопје“.

Моево писмо не е да послужи за критика, туку многу повеќе како апел до градоначалникот и до одговорните во ЈСП да бидат поорганизирани. Да се погрижат целата работа да изгледа покултурно, поевропски, за што се залагаме, а не бедно како што е сега. А за да се поправаат овие работи не се потребни пари. Треба само малку иницијатива и грижа за она за што вработените се задолжени да го направат и за што земаат плата.

Трајан Иванов, пензионер Скопје