ЕУ - дипломатите оцениле дека самитот меѓу американскиот и рускиот лидер бил „успешен за Путин“

Во пресретнатите дипломатски пораки е изразена загриженост на ЕУ од непредвидливоста на американскиот претседател Доналд Трамп, па се говори за напорите за постигнување договори со Русија и со Кина, како и за ризиците од преиспитувањето на нуклеарниот договор со Иран, пишува „Њујорк тајмс“

Хакери со години успешно упаѓале во комуникациската мрежа на ЕУ и пресретнувале илјадници дипломатски пораки, објави „Њујорк тајмс“.
Според американскиот весник, хакерите, меѓу другото, дошле и до пораки во кои е изразена загриженост на европските лидери поради непредвидливоста на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и се говори за напорите за постигнување договори на ЕУ со Русија и Кина и за ризиците од преиспитувањето на нуклеарниот договор со Иран.

Компанијата за сајбер-безбедност „Ареа 1“, основана од бивши агенти на американската Национална агенција за безбедност (НСА), му доставила на весникот список од над 1.100 дипломатски пораки до кои хакерите имале пристап. Според „Њујорк тајмс“, техниката што ја користеле хакерите при упадот во мрежата на ЕУ личи на онаа што со години ја користи кинеската армија. Весникот се обидел да добие реакција од кинеската амбасада во Вашингтон, но не добил одговор.

Извори на „Њујорк тајмс“ посочуваат дека хакерите немале намера да ги објавуваат податоците туку дека ги користеле за шпионирање. Повеќето документи се од понизок ранг на класифицираност, бидејќи документите од најголема тајност се чувале на друга безбедносна мрежа. Многу од документите биле дел од редовната дипломатска комуникација, како на пример неделни извештаи од мисиите на ЕУ од Косово, Албанија, Србија, Русија, Кина или САД, и во нив се опишани средби и разговори со други дипломати или лидери.

Во еден од хакираните документи, европски дипломати посочуваат дека состанокот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, одржан во Финска, бил „успешен, барем за Путин“. Во друг документ детално се пренесени разговорите на европските лидери со кинескиот претседател Си Џинпинг, при што тој наводно изјавил дека Кина нема да потклекне на малтретирањето од САД, па дури и трговските војни да им наштетат на сите. Во трет документ, пак, европски дипломат изразил загриженост поради негативните ставови на Трамп кон ЕУ, па дури и предложил да се заобиколи американскиот претседател и директно да се комуницира со Конгресот на САД.

ЕУ има застарен систем, кој е ранлив на напади, велат експерти

Од ЕУ велат дека се запознаени со наводите „за ризиците од потенцијални објавувања на чувствителни информации“ и дека ги испитуваат, но не ги коментираа откритијата на конкретните хакерски упади. Од американската НСА исто така посочија дека го испитуваат објавувањето на европските дипломатски пораки. Неименуван бивш агент, пак, за „Њујорк тајмс“ нагласува дека ЕУ постојано е предуредувана дека нејзиниот комуникациски систем е застарен и дека затоа е ранлив за хакерите од Кина, Русија, Иран и од други земји.

Инаку, како што објавува американскиот весник, хакерите исто така упаѓале и во комуникациските мрежи на повеќе меѓународни организации, како Обединетите нации, и тие веќе биле известени за сајбер-нападите.