Фуснота за романот

Кога првпат го читав шармантниот есеј на Андре Жид „Десет француски романи што…“, веднаш се потсетив на една од раните, омилени игри со книгите низ кои ме водеше татко ми. Ме предизвикуваше да направам ранг-листа на три, пет или десет прочитани книги според жанрот, временската (на пр. – втората половина на 19 век), националната определеност, ликот на јунакот (на пр. – студент, фатална жена…).

После ги споредуваше со оние од својата ранг-листа. Намерата му беше корисна: да ме „навлече“ да ги прочитам оние дела што сѐ уште ми беа непознати, а што тој ги вреднуваше (можеби намерно) високо. Така, моите први средби со Булгаков, Ремизов или Љоса беа инспирирани од ваквото надигрување. За оваа поттикнувачка игра (што сѐ уште, иако многу поретко, ја практикувам со некои свои помлади пријатели) веќе пишував во едно свое поранешно антиупатство (бр. 76). Но да се вратам на ранг-листата на Жид. Замолен, од севкупната, долготрајна богата продукција, да издвои десет свои најомилени француски романи, тој, и самиот високовреднуван романсиер и еден од најмудрите почитувачи на Прустовото дело, го сочинува изборот со забележлива критичност и повремена потсмешливост. Навистина, вековната популарност и читаност што романот ги обезбедил кај широката, но и кај елитната публика често не соодветствува со неговата божемна супериорност. Неоспорно е дека најмногу се ужива и се занесува во читање романи (иако за овој читател, читањето добри раскази му носи поголемо задоволство), и дека, како што вели Жид, на романот „му припаѓа сета наша наклоност“. Но ако по извесен број години, се навратиме на некој од тие романи, често ќе нѐ зачуди неговата несовршеност, впечаток што ретко се јавува пред саканата песна или расказ.

Жид на врвот на својата листа го поставува „Црвено и црно“ на Стендал, следува „Опасни врски“ на Лакло. Листата од десет ја завршуваат Флоберовата „Г-ѓа Бовари“ и „Жерминал“ на Зола. Пишувајќи го ова антиупатство, направив мала анкета меѓу моите пријатели, инаку ревносни читатели на современите хит-романи, и ги прашав кои од романите од листата на Жид ги имаат прочитано. Второто надоврзувачко прашање беше дали прочитале некој роман од Жид. Резултатот (очекуван) е дека од десетте избрани француски романи прочитале, како обврзна лектира во средно, два или три, што се однесува до Жид, добриот дел од анкетираните го знаеја само по име авторот на „Иморалист“, „Подрумите на Ватикан“, „Ковачите на лажни пари“… Денес, за новелистичката класика се нема ни време, ни трпение. Спротивно, современите романескни продукти, спакувани шарено и предвидливо, се читаат како алва. И се забораваат. Причина повеќе за вакви ранг-листи. И како поттик за откривање нови читателски задоволства, во кои татко ми умееше така вешто да ме вовлече.

За што, пред сѐ, ќе биде потребно време. Време што ни го крадат глупавите ТВ-серијали или исто така бескрајните политички манипулации. Но, како што вели Жид, „не можеш да откриеш нова земја без да си дозволиш да се изгуби глетката на брегот за подолго време“.