Фудбалски подем

И за овој циклус за ЕП 2020 Македонија тргна од петтиот барабан (пред ждрепката), но покажа дека не ѝ е местото таму. Сениорската репрезентација конечно може да биде трета во групата, место што никогаш досега не го освоила во некои квалификации. Секако, може пак да биде и претпоследна, но, без разлика на исходот од двата дуела до крајот на квалификациите, оцената за македонскиот репрезентативен фудбал за овој циклус е извесна и, за разлика од претходно, висока, сразмерно на играта, борбеноста, пристапот, дисциплината и, секако, сразмерно на освоените бодови

Македонскиот репрезентативен фудбал забрзано се движи во нагорна линија. Фронтално. Не само што сениорската репрезентација како никогаш досега во доцна фаза од едни квалификации беше во игра за директен пласман на европско првенство и воопшто на големо меѓународно натпреварување туку истовремено младата репрезентација со своите игри најавува поход кон нов настап на континентален шампионат за фудбалери до 21 година.
Тоа се одлични знаци за конечното застанување на нозе на оваа игра, нешто што беше најавено пред четири години. Тогаш една друга генерација млади фудбалери го почнаа патот кон дебитантското Европското првенство, во 2017 година, не респектирајќи фаворити. Таа генерација беше прва во групата во која играше и Франција, за која настапуваа сегашни сениорски репрезентативци (некои од нив во 2018 година станаа светски прваци), како Лукас Хернандез, Кингсли Коман, Бенжамин Павар, Корентин Толисо (сите сега се во Баерн), Осман Дембеле (сега во Барселона), Ферланд Менди (сега во Реал Мадрид), Емерик Лапорт (сега во Манчестер сити), Пресенел Кимпембе (сега во ПСЖ)…

Повеќе претставници на таа македонска селекција, пак, сега се во сениорската репрезентација, како Енис Барди, Елиф Елмас, Бобан Николов, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Егзон Бејтулаи, Марјан Радески, Дамјан Шишковски, Кристијан Тошевски, Кире Маркоски… Сега одново една нова генерација со своите игри најавува напад на пласман на ново европско првенство, а во групата е нов фаворит, овој пат тоа е актуелниот младински европски првак Шпанија.
Со генерацијата од ЕП 2017 во Полска, репрезентативниот фудбал почна еден циклус на самообновување. И сега има најава за дополнување на најсилната македонска селекција со голем број квалитетни фудбалери, како што беше ситуацијата со генерацијата што настапи на младинското првенство пред две години.

Многу години македонскиот репрезентативен фудбал се бори за место под сонцето, на кое одамна се ракометарите, претходно беа кошаркарите, а годинава и одбојкарите се изборија за прв настап на европски шампионат. Фудбалот го најави ова пред две години, кога Македонија во Полска го освои 12-то место во Европа за репрезентации до 21 година. Во меѓувреме исти приказни се повторуваа околу македонската фудбалска репрезентација речиси секои две години, повеќе од две децении, па како ќе завршеше еден циклус, следуваа големи најави за тоа што ќе се направи во следниот. Сега е поинаку. И за овој циклус Македонија тргна од петтиот барабан (пред ждрепката), но со играта и со резултатите покажа дека не ѝ е местото таму.

Добро е што по младата селекција од ЕП во Полска пред две години, доаѓа нов бран. Добро е тоа што младинците од таа генерација од континенталниот шампионат во Полска сега се важни членови на селекција во која се и докажани величини и повеќе фудбалери во постојан подем. Сѐ заедно е формула за пробивање и на сениорскиот мраз, за нов замаец за уште повисок дострел во некој следен циклус, а потоа и за толку важниот континуитет

Сениорската репрезентација во трката за ЕП 2020 конечно може да биде трета во групата, место што никогаш досега црвено-жолтите не го освоиле во некои квалификации (најголем дострел е четвртото место). Секако, може пак да биде и претпоследна, но, без разлика на исходот од двата дуела до крајот на квалификациите за Европското првенство во 2020 година, со Австрија на гости и со Израел дома, во ноември, оцената за македонскиот репрезентативен фудбал за овој циклус е извесна и, за разлика од претходно, висока, сразмерно на играта, борбеноста, пристапот, дисциплината, секако и сразмерно на освоените бодови.

За разлика од порано, и првпат досега за македонската репрезентација се зборува за пропуштена шанса за директен пласман на европско првенство. Згора, пропуштена е само првата шанса, оти втората допрва претстои, со настапот на фајналфорот на Лигата на нациите, лига Д. Евентуален пласман на ЕП 2020 ќе му даде нов ветер во грбот на македонскиот фудбал, но многу поважно за „поголемата слика“ од самиот пласман е тоа што одново зад македонската репрезентација доаѓа една нова млада генерација.

Слабите резултати веќе заминуваат во историјата, откако сега се присутни две клучни работи за успех – стандарден тим и селектор со долг мандат (Македонија претходно немала селектор што ја водел репрезентацијата во два квалификациски циклуса). Добро е еден селектор да работи најмалку четири години и да одработи цели два циклуса, затоа што тим што добро се познава може да игра подобро и да се надмине себеси. Такви примери има многу и низ Европа. Добро е што по младата селекција од Европското првенство во Полска пред две години, доаѓа нов бран. Добро е тоа што младинците од таа генерација од континенталниот шампионат во Полска сега се важни членови на селекција во која се и докажани величини и повеќе фудбалери во постојан подем. Сѐ заедно е формула за пробивање и на сениорскиот мраз, за нов замаец за уште повисок дострел во некој следен циклус, а потоа и за толку важниот континуитет.

[email protected]