Фото: Игор Бансколиев

Играше за Вардар во првото учество во Купот на УЕФА. Јовановски имаше успешни настапи и достојно го репрезентираше македонскиот фудбал и во турскиот шампионат. Откако заплови во тренерските води стигна и до позицијата селектор на националниот сениорски тим на Македонија

ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ (2)

Ѓоре Јовановски беше еден од најстандардните фудбалери на Вардар и тој практично, заедно со Кочо Димитровски, ја поврза онаа генерација од времето на Мето Спасовски и неговите соиграчи, со онаа што зачекори на фудбалската сцена по 1980 година. Јовановски го доживеа и оној момент, кога во 1985 година Вардар првпат влезе и се натпреваруваше во Купот на УЕФА. На почетокот противник му беше Динамо од Букурешт.

– На гостински терен, во Букурешт, загубивме со 1-2. Стрелец на голот беше Рингов. Во Скопје со голот на Здравков победивме и се пласиравме во второто коло. За жал, тука го плативме данокот на неискуството и бевме елиминирани од Данди – се сеќава Јовановски.

Дуелите со шкотскиот тим беа интересни, но и непријатни за Вардар. На гостувањето во Данди скопјаните го завршија мечот без двајца фудбалери. Судијата беше навивачки настроен и не избираше средства за да им овозможи на домаќините да дојдат до посакуваниот резултат за мирен пат на реваншот во Скопје. Данди победи со 2-0 и тоа практично значеше дека со една нога веќе е во следната рунда.

– На реваншот во Скопје, и покрај нашите настојувања, не успеавме да ја анулираме предноста на Шкотланѓаните, беше нерешено и тие го продолжија патот на европската сцена. Ни остана да жалиме за испуштеното и да се надеваме дека повторно ќе имаме шанса да заиграме на европската сцена. Тоа навистина се случи кога Вардар во 1987 година стана шампион на поранешна Југославија и настапи во тогашниот КЕШ, но јас не бев повеќе во тимот, зашто кариерата ја продолжив во Турција – вели тој.

ТРИ СЕЗОНИ ВО ТУРСКИОТ ШАМПИОНАТ

Вардаровата „двојка“ Ѓоре Јовановски, додека играше во голема форма за Вардар, имаше понуди да ја продолжи кариерата во странство. Но тогаш постоеше еден правилник во Фудбалскиот сојуз на Југославија, донесен по препорака на фудбалската легенда Миљан Миљаниќ, според кој фудбалерите помлади од 28 години не можеа да заминат во странски клуб.

– Тоа беше добро за домашниот фудбал, зашто на некој начин се зачувуваше квалитетот, но не беше добро за нас фудбалерите. Поради „строгиот“ правилник бевме принудени да останеме во југословенските клубови и така ја испуштавме шансата во помлади години да заиграме во некое странско првенство. Затоа, сите како да го чекавме моментот кога ќе ја поминеме старосната граница, за да заминеме надвор, не само да ги докажеме своите квалитети, но и повеќе да заработиме. Тоа беше нормално, зашто бевме професионалци и живеевме од фудбалот – вели Јовановски.
Јовановски додека настапуваше за Вардар имаше понуди од странски тимови, но поради тој правилник на ФСЈ не можеше да прифати ниту еден ангажман. Така, годините поминуваа и кога го исполни условот поради сплет на околности, сепак, веднаш не замина во странство. По молба од управата тој остана во клубот до 1986 година, кога конечно на 30-годишна возраст, по 16 години минати во Вардар, го напушти клубот и замина во Турција.

– Мојот избор беше Самсунспор, екипа од истоимениот град лоциран на црноморското крајбрежје. Таму бев прифатен, како којзнае од кога да сум бил нивни играч, така што не ми беше тешко брзо да се вклопам во новата средина. Веднаш заиграв за првиот тим и имав забележителни настапи уште на почетокот во турскиот шампионат. Во Самсун останав две години, а потоа апетитите ми пораснаа и сакав да заиграм за некој поголем клуб. Токму во моментите кога помислував да заминам стигна примамлива понуда од главниот град на Турција, Анкара. Не можев да ја одбијам зашто поканата да поминам во Анкарагуџу дојде од еден од најпопуларните и најквалитетни турски тренери, кој подоцна беше и селектор на репрезентацијата Фатих Терим – вели Ѓоре.

Така, по две години во Самсунспор, Јовановски го напушти клубот и во 1988 година се пресели во Анкара. Таму одигра една сезона и на 33-годишна возраст ја заврши кариерата како активен фудбалер. Потоа малку мируваше, за повторно да ги засука ракавите и откако ја доби пролиценцата на УЕФА продолжи да работи како тренер.

УСПЕШЕН И ВО ТРЕНЕРСКИТЕ ВОДИ

Неговата голема настојчивост и дисциплина и во тренерскиот занает дојдоа до полн израз. Кариерата ја почна како тренер во Вардар, со кој уште во почетокот го освои Купот на Македонија. Но тоа беше период кога нашиот најпопуларен клуб се најде во една турбулентна фаза, кога практично и не се знаеше кој е вистинскиот „газда“ на клубот. Со оглед на тоа што Јовановски беше познат како дисциплиниран спортист и тренер, кој сакаше сите работи да бидат на место, не можеше да ја поднесе таквата состојба и ја прифати понудата да биде тренер на тогаш многу популарната Слога Југомагнат, која со брзи чекори одеше кон македонскиот фудбалски врв. Со неа, како што вели Јовановски, со сесрдната помош од нејзиниот прв човек Рафет Муминовиќ, освои три титули шампион на Македонија.

– Во тимот од Чаир имав извонредни услови за работа. Што е најбитно за еден тренер, играчите беа задоволни и кон нив редовно се исполнуваа обврските. Кога на ова ќе додадам дека и мене како тренер ми беа овозможени одлични услови за работа, тогаш станува јасно зошто имавме успех и се пробивме на фудбалскиот врв во нашата земја. Првиот човек на клубот Рафет Муминивиќ, кој имаше голема поддршка од своите браќа и од целото семејство, беше толку загрижен за клубот, што ако му побарав среде лето да донесе снег, тоа ќе го стореше – вели Јовановски.

Годините во Слога Југомагнат не се забораваат, но тренерите не можат да мируваат, секогаш бараат нов предизвик. Таков беше случајот и со Јовановски. По освоените три титули првак на Македонија реши да го напушти клубот и се пресели во Градскиот парк, но не повторно во Вардар, туку во големиот конкурент уште од старите времиња, Работнички, овој пат со додавката Кометал, во кој главен газда беше познатиот бизнисмен Трифун Костовски.

– И таму, јас и мојот стручен штаб во кој беа вклучени поранешните вардарови ѕвезди Борче Мицевски и Томче Трајановски, имавме одлични услови за работа. Сѐ функционираше беспрекорно и како резултат на тоа дојдоа и двете титули освоени во првенството на Македонија – вели Јовановски.

Јовановски со Работнички Кометал имаше настапи и на европската сцена. Првата година по освојувањето на титулата, откако помина во првото коло во второто налета на Ломкомотив од Москва и по два возбудливи меча беше елиминиран. Но затоа во втората сезона во Европа стигна до третото коло. По елиминацијата на Сконто и Дуделанж, Работнички немаше сили да му се спротивстави на францускиот Лил.

ТРЕНЕР НА ЦСКА ОД СОФИЈА

Јовановски беше тренер и во други клубови во Македонија, за еден период да замине и да седне на клупата на еден од најпопуларните бугарски тимови ЦСКА од Софија, во кој прв од македонските тренери десетина години порано зачекори Ѓоко Хаџиевски. Таму остана краток период и замина во моментот кога целото раководство на клубот на чело со сосопственикот поднесоа оставки.

– Интересно е дека ЦСКА и покрај традицијата и многубројните титули освоени во Бугарија, не можеше да се стабилизира и да се организира како во минатото. Во клубот се мешаа многу струи, имаше и бојкот од навивачите, па како резултат на тоа дојде оставката на целото раководство на чело со претседателот. Во една таква ситуација, бидејќи луѓето што ме донесоа во клубот си заминаа, нормално беше истото тоа да го сторам и јас. Навистина жалам, зашто бевме на добар пат да создадеме еден тим, кој ќе можеше успешно да настапува и на европската сцена – вели Јовановски.

Инаку, за време престојот во Софија, Јовановски го водеше тимот во неколку натпревари во Лига Европа, во која ЦСКА беше во група со Порто, Бешикташ и со Рапид. Од меѓународната тренерска кариера треба да се одбележи и периодот кога Јовановски беше тренер и во Турција. Тој прво беше помошник, а потоа и прв тренер на Самсунспор.


Само осум месеци селектор

Ѓоре Јовановски, кога со Слога Југомагнат всушност ги постигнуваше најдобрите резултати, во 2001 година стана селектор на сениорската репрезентација на Македонија. На кормилото се задржа осум месеци. Највреден резултат што го постигна како селектор, според него, е ремито 3-3 со Турција во Бурса, во квалификациски дуел за СП 2002. Тогаш своето деби во репрезентацијата го имаше нашата голема фудбалска ѕвезда Горан Пандев, кој во игра влезе во последните десетина минути.
– Многу жалам што ја испуштивме победата, бидејќи трипати бевме во водство и имавме комплетна доминација на теренот – се сеќава на таа средба Ѓоре Јовановски.
Но како што често се случува со тренерите, кога веќе имаат концепт, желба и квалитет, наместо да продолжат со работа, доаѓа до нивна смена. Истата судбина ја доживеа и Ѓоре Јовановски, кој претходно, но и потоа без големиот притисок што го имаше како селектор, работејќи во повеќе македонски клубови создаде една импресивна кариера. Петте освоени титули во првенствата на Македонија и двата Купа, а не еден како што објавив во минатиот запис, најубаво ја отсликуваат неговата тренерска кариера.