Обидот на фудбалскиот клуб Ливерпул, првакот на Европа, да го заштити името на градот Ливерпул на своите производи и услуги, пропадна поради неговото „географско значење“. Клубот поднесе барање, кое беше одбиено од Канцеларијата за интелектуална сопственост, за да ги заштити навивачите од лажните производи што наиде на негодување на локалните трговци, помалите аматерски клубови и навивачки здруженија.

Од ФК Ливерпул соопштија дека нема да се жалат против таквата одлуката.
– Треба да се нагласи дека нашата апликација беше чин на добра волја и со единствена цел заштита и унапредување на интересите на клубот и на неговите приврзаници. Ние ја прифаќаме одлуката и духот во кој е донесена – изјави извршниот директор на Ливерпул, Питер Мур.

Градоначалникот на Ливерпул, Џoe Андерсон, истакна дека важноста на клубот за градот воопшто не е „доведена во прашање“.

Навивачката група „Духот на Шенкли“ ја поздрави таквата одлука и рече дека зборот Ливерпул не треба да стане сопственост на сопствениците на фудбалскиот клуб.
– Тој му припаѓа на градот Ливерпул и на неговите луѓе. Сите треба да смееме да го користиме слободно, без страв од какви било правни консеквенции – рече портпаролот на „Духот на Шенкли“.

За разлика од Ливерпул, два лондонски клуба, Челси и Тотенхем имаа успех во сличните барања.