Поминаа 10 месеци откако Фрум доживеа тешка незгода удирајќи во бетонски ѕид со велосипедот при брзина од 54 км на час. Тој е свесен дека имал многу среќа што е жив, што може повторно да вози велосипед, а камоли да се надева на рекордна петта победа на Тур. Само еден човек во историјата, Фирмин Ламбо во 1922 година, победил на Тур на возраст од 35 и повеќе години

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Четирикратниот победник на легендарната велосипедска трка Тур де Франс, Британецот Крис Фрум, закрепна од тешката незгода лани во јуни, на која понекогаш се потсетува преку фотографиите, кои воопшто не се пријатни за гледање, напротив.
– Има некои „мошне мрачни“, грозни слики што долго ме прогонуваа и не можев да престанам да размислувам за тоа што ми се случи. Но, за среќа, веќе го надминав тоа, помина речиси една година од незгодата, сега тренирам со полн интензитет и се надевам дека ќе победам на една од трите грантур-трки годинава, се разбира ако се одржат како што е планирано – вели Фрум во интервјуто за британскиот весник „Телеграф“.

Фрум е во својот дом во Сен-Рафаел во Франција, на Азурниот Брег, и е во добро расположение. Поминаа 10 месеци откако го повреди вратот, ги скрши ребрата, бедрената коска, колкот и лакотот, удирајќи во бетонски ѕид со велосипедот при брзина од 54 км на час. Тој е свесен дека имал многу среќа што е жив, што може повторно да вози велосипед, а камоли да се надева на рекордна петта победа на Тур годинава, со што би се израмнил со Жак Анкетил, Еди Меркс, Бернар Ино и со Мигел Индураин. Фрум ќе наполни 35 години на 20 мај.

Само еден човек во историјата, Фирмин Ламбо во 1922 година, победил на Тур на возраст од 35 и повеќе години.
– Би било голем успех, да. Дефинитивно тоа би била една од најголемите спортски приказни за враќање. За мене тоа е огромна мотивација, која ќе ме одржува следните неколку месеци. Ќе тренирам напорно како што секогаш сум го правел тоа, ќе бидам максимално подготвен и ќе дадам сѐ од себе да победам – вели Фрум.
Тие зборови се своевидна порака до некои што го отпишаа на некој начин. Но Фрум не обвинува и не се лути никому за тоа.

– Така функционираат работите во спортот, 100 отсто. Луѓето ме отпишаа до одреден степен по несреќата, но тоа би можело да се покаже како корисно за мене – вели тој.
Фрум вели дека одложувањето на Тур му оди во прилог, давајќи му дополнителни два месеца да закрепне од повредите. Се насмевнува на прашањето дали повторно ќе може да вози супериорно кон фамозниот врв Мон Венто (1.909 м), како во 2016 година, а тој вели: „Да, зашто да не, секако. Вежбав многу, одлично се чувствувам, немам никакви болки, сѐ е во ред“.


Имам искуство и голема мотивација

Доколку се одржи, Тур де Франс ќе биде многу интересна трка. Крис Фрум ќе има сериозни ривали во колегите од Инеос, Еган Бернал и од Герент Томас, победниците во 2019 и во 2018 година, како и во редица други велосипедисти.
– Има еден куп момци што можат да ја направат трката многу возбудлива. Сите ќе бидат одморени, добро истренирани, мотивирани. Имам искуство, голема мотивација и сакам да го постигнам еден од најголемите спортски подвизи.

Во кариерата имав неуспеси и мислам дека секогаш по големите падови успевав да се вратам на најдобар можен начин. Така беше на Џиро д’Италија пред неколку години кога имав голем временски дефицит, но успеав да победам. Мислам дека тоа беше главната тема во текот на мојата кариера. Ако се искачам на врвот по ужасната несреќа лани, тоа ќе биде уште еден таков пример – рече Фрум за британскиот „Телеграф“.