Веројатно нема велосипедист кому повеќе му одговара одложувањето на годинашниот Тур де Франс, од јуни за август, отколку на Британецот Крис Фрум, четирикратниот победник на оваа легендарна трка, во 2013, 2015, 2016 и во 2017 година. Фрум претходниве месеци живее во изолација, дома, не толку поради пандемијата на коронавирусот, туку поради рехабилитацијата по ланската тешка повреда пред Тур 2019.

– Закрепнувањето се одвива добро, речиси комплетно е завршено. Уште правам некои вежби за да ја зајакнам десната страна од телото што ми беше повредена, но им се вратив и на нормалните тренинзи и добро ми оди. Гледајќи ги новите датуми за трките, Тур де Франс ќе ми биде целта број еден, за потоа ќе видиме – изјави Фрум за „Сајклингнуз“.

Во специјално дизајнираната вежбалница, изградена по ланската незгода, 34-годишниот Фрум работи на подобрување на основната стабилност и на зајакнување на мускулатурата. Во просторијата за тренинг, покрај големиот број направи за вежбање, има и доста вредни предмети, како што се победничките велосипеди на грантур-трките, од Тур, Џиро д`Италија и од Вуелта. Фрум и неговите колеги ги користат онлајн-платформите и домашните тренери за да останат во форма. Тимот Инеос минатиот викенд ја одржа првата виртуелна трка, на која настапи и Фрум и го освои шестото место.