Претставници на Европската комисија и на Македонија вчера, по повеќемесечни преговори, во Брисел ја парафираа спогодбата за соработка на граничните полиции, позната како Фронтекс 2.
Откако ќе стапи во сила овој договор, европските граничари ќе имаат поголеми овластувања и ќе можат да интервенираат на граничните премини, заедно со националните безбедносни сили. Фронтекс 2 има цел да ги зајакне надворешните граници на ЕУ и да се бори против илегалната миграција.

– Откако договорот ќе стапи во сила, тимовите на Фронтекс со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили, што ќе донесе значајна додадена вредност – изјави еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос.

Европската комисија треба да потпише сличен договор и со Албанија, а се преговара и со Србија, Црна Гора и со Босна и Херцеговина, каде што се појавуваат нови бегалски маршрути, објасни македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, според кој, овој договор е резултат на посветеноста на Македонија за справување со илегалната миграција. П.Р.