Песната „New York, New York“ e, секако, заштитниот знак на Френк Синатра. Таа е хит над хитовите, секогаш актуелна и секогаш со задоволство слушана. Од нејзиното издавање во јуни 1977 г. е, по некои статистики, една од најслушаните песни на сите времиња.

Но Френк Синатра е многу повеќе од „New York, New York“. Неговата кариера со блескави размери е доказ за тоа. Единственото дете на сицилијанските имигранти во САД е родено на 12 декември 1915 година во Хобокен, Њу Џерси. Родителите илегално воделе италијанска гостилница, но таа не им носела особени приходи, па семејството живеело во сиромаштија. Често препуштен сам на себе, Френк Синатра предвреме созреал и животните искуства ги учел на улица. Бил темпераментен и избувлив, а истовремено многу шармантен и голем љубовџија. Имал четири брака и многу вонбрачни и тајни врски. На ниедна од неговите љубови не ѝ бил верен, секоја ја оставал затоа што се вљубувал во некоја нова и тој циклус го одржал до крајот на животот.

Иако неверен и површен во љубовта со плејадата дами низ неговиот живот, Френк Синатра имал една љубов од која никогаш не се откажал и на која ѝ бил длабоко, постојано верен – музиката. Како пејач со исклучително мек и сензуален, но моќен глас, како диригент со беспрекорен слух, како музички продуцент и сопственик на студио во кое снимале најпознатите пејачи од тоа време, како сопственик на музичка издавачка куќа што ги застапувала славните… ѝ се дал на оваа љубов со страст и посветеност, која не ја почувствувал кон ниедна жена. Го сакал и филмот, бил одличен глумец. Синатра бил и докажан борец за човекови права, еден од пионерите во Америка што се борел против сеграгацијата и волонтерски ги подучувал младите на еднаквоста и опасностите од дискриминацијата.

По околу 1.400 снимени песни и по 46 филма, Френк Синатра дури на 80 години се повлекол од големите турнеи и настапи пред грандиозни аудиториуми. Пеел во мали, интимни клубови и најчесто на добротворни настани. Таков бил и последниот негов настап, хуманитарен мини-концерт, кој го завршил со песната „Најдоброто допрва треба да дојде“ („The Best is Yet to Come“). Починал од срцев удар на 14 мај 1998, по неколкугодишна борба со повеќе различни здравствени проблеми. По веста за смртта на еден од најголемите пејачи на сите времиња, светлата на „Емпајр стејт билдинг“ во неговиот сакан Њујорк се обоиле во сино, а во неговиот втор дом, Лас Вегас, казината, наместо едноминутно молчење, одржале едноминутен престанок на сите игри. Симболично, насловот на последната песна што ја отпеал е напишан на неговата надгробна плоча – „Најдоброто допрва треба да дојде“.

Лада Шоптрајанова Петровска