Фудбалерите што фудбалски израснале во Франција одиграа најмногу, 19,7 отсто од минутите сезонава во петте најсилни домашни првенства во Европа (Италија, Франција, Германија, Шпанија и Англија), велат од ЦИЕС

Фудбалери од 85 земји играле сезонава во петте најсилни домашни првенства во Европа, во Италија, Франција, Германија, Шпанија и во Англија, пишува во анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС).
Во анализата се сметаат играчите што фудбалски израснале во соодветната земја, па, така, најмногу минути одиграле француските фудбалери, 19,7 отсто, потоа следуваат Шпанците со 15,2 и Германците со 9,8 проценти. Во домашните лиги, пак, француските фудбалери во Лигата 1 одиграле 62,7 отсто од минутите во мечевите, Шпанците во Ла лига 61, Германците во Бундес-лигата 48,5, Италијанците во Серија А 39 и Англичаните во Премиер-лигата 35,3 проценти, велат од ЦИЕС.

Најголеми проценти од минутите одиграни од странци во тие првенства се забележани за Французи во Англија (10,9 отсто) и во Германија (осум проценти), Бразилци во Италија (седум отсто) и во Франција (6,8), како и Аргентинци во Шпанија (6,8).
Во Англија играат фудбалери од најмногу земји, 54, а потоа следуваат Италија со 50 (меѓу нив и Македонија), Франција со 46, Германија со 45 и Шпанија со фудбалери од 40 земји (меѓу нив и Македонија). Според ЦИЕС, во т.н. лига „петка“ од Балканскиот Полуостров најмногу минути во просек одиграле фудбалерите од Србија, 1,5 отсто и од Хрватска, 1,1 процент.