Една стара изрека вели дека Европа најдобро функционира кога Русите се надвор, Германците се долу, а Американците се внатре. Во новиот европски поредок, Русите се внатре, Германците се долу, Американците излегуваат, Британците се мачат со брегзит, а Французите бележат подем

Арнаб Дас, Јацек Ростовски

На прв поглед, резултатите од мајските избори за Европскиот парламент и номинирањето на новиот раководен тим на Европската Унија промовираа континуитет, а не нарушување на блокот. Националистичките партии не успеаја да остварат значителни придобивки на изборите, а потоа големите сили од Западна Европа, што се залагаат за статус кво, избраа федералисти на раководите функции во ЕУ. Особено изборот на Урсула фон дер Лејен за нова претседателка на Европската комисија, со што таа стана првиот Германец што ќе ја извршува функцијата по половина век, се чинеше дека само ја потврдува континуираната доминација на Германија во Европа.

Но не е така. Историјата покажува дека хегемоните често го преземаат формалното раководство кога нивната моќ се намалува, а не кога се зголемува. Денес, неколку фактори ѝ го загрозуваат статусот на Германија како водечка сила на ЕУ и се чини дека Франција има најмногу придобивки од тоа. Досега, германската доминација почиваше на два главни столба: навидум постојаните американски одбранбени гаранции и водечките компании и огромната позиција на нето-доверител на Германија. Но бидејќи овие темели почнуваат да се нишаат, ерата на Германија како водечка европска сила може да завршува.

Една од причините за тоа е распространетоста на ултраниските каматни стапки на глобално ниво, а особено во еврозоната, што се гледа од фактот што италијанските, па дури и грчките десетгодишни обврзници нудат помали приноси од американските. Ваквата намалена премија на ризикот значи дека шансите за нова должничка криза во еврозоната се намалени. Ова го слабее полумекото влијание што Германија го одржуваше во еврозоната, нудејќи финансиска поддршка во замена за фискално штедење и структурни реформи.
Покрај тоа, рамнотежата на политичката моќ во рамките на ЕУ повторно се менува. Најважно, брегзит, иако допрва треба да се случи, ѝ помага на Франција да ја повтори улогата на клучен играч од 1990 година. Во тие денови, Западна Германија, Италија и Шпанија генерално фаворизираа поголема интеграција во ЕУ; Велика Британија беше против, а Франција го имаше одлучувачкиот глас. Ова го објаснува модусот на функционирање на француско-германската „локомотива“: бидејќи главните иницијативи на ЕУ зависат од договорот меѓу двете земји, Франција би можела да избере пат на европска интеграција што најдобро одговара на нејзините национални интереси.

Германското обединување и кризата во еврозоната го сменија ова. Велика Британија стана сѐ поевроскептична, отфрлајќи ја политичката и фискална унија, која сметаше дека е суштинска за еврото, но политички неприфатлива за неа. Во меѓувреме, Франција водеше федералистичка „гувернерска економија“. Како резултат на тоа, Германија стана клучниот играч што честопати се спротивставуваше на подлабока интеграција во ЕУ, наводно за да се избегне расцеп меѓу земјите-членки на еврозоната и оние надвор од неа (вклучувајќи ја и Велика Британија). Всушност, главната грижа на Германија беше често да ги штити сопствените финансиски интереси и оние на другите држави-кредитори од Северна Европа. Сепак, брегзит ќе го врати стариот поредок пред 1990 година, со Франција во центарот.
Покрај тоа, трговските конфликти, фокусирањето на зелената енергија, т.н. четврта индустриска револуција и зголемувањето на геополитичките тензии, се закануваат да го нарушат моделот на пораст предводен од Германија. Всушност, германската економија се соочува со рецесија бидејќи слабеат извозното производство и инвестициите.

Германската индустрија се соочува со голем број предизвици, покрај актуелниот дебакл со емисиите од дизел-моторите. Подемот на електричните и автономните возила, употребата на возила во наемната економија, активностите што зависат од масовни податоци и 3Д-печатењето длабоко ќе ја нарушат економијата, чија конкурентска предност лежи во производството и прецизното инженерство.
Работите се уште полоши за Германија кога станува збор за тврдата моќ. Деновиве, членките на ЕУ со силни воени капацитети уживаат „премија на моќта“ поради низата интервенции на рускиот претседател Владимир Путин и зголемените сомнежи за посветеноста на претседателот на САД Доналд Трамп за колективна европска, а со тоа и германска, безбедност. Ова е особено точно за Франција, која има ефикасни конвенционални и нуклеарни сили и поволна стратегиска локација, со тоа што Полска и Германија ја делат од Русија.

Во контекст на ЕУ, секој од овие фактори претставува важна промена. Во комбинација, тие би можеле да бидат трансформативни. Франција сега е решена да стане столб врз кој ќе се потпира интеграцијата во ЕУ, а со тоа и секоја идна геополитичка или економска ренесанса на блокот. Во моментот, француската влада наоѓа начини да ги балансира домашните прашања со интеграцијата во еврозоната, климатската политика, справувањето со жолтите елеци и ограничувањето на моќта на американските технолошки гиганти.

Покрај тоа, земјата претставува полујадро. Таа е политички позиционирана помеѓу јадрото земји-доверители (особено Германија и Холандија), кои бараат поголемо фискално приспособување, реформи и отплата на долговите, и таканаречените должници од медитеранскиот клуб (Португалија, Италија, Грција и Шпанија), кои сакаат фискални трансфери. Ова значи дека Франција е клучна за банкарството, пазарот на капитал и за другите точки од агендата за реформирање на еврозоната.
Конечно, Франција има долга историја на политика на статист и нема огромен трговски суфицит со остатокот од светот. Поради тоа, таа може да ги брани своите интереси и интересите на ЕУ подобро отколку што може Германија во светските трговски војни и во инвестициските бариери, каде што пазарните сили се подредени на моќта на владите. Како што вели една стара изрека, Европа функционира најдобро кога Русите се надвор, Германците се долу, а Американците се внатре. Во новиот европски поредок, Русите се внатре, Германците се долу, Американците полека излегуваат, Британците се мачат со брегзит, а Французите бележат подем. Во овој нестабилен свет, таквиот развој на настаните треба да биде добра вест за стабилноста и за кохезијата на еврозоната, а со тоа и на Европа и на светот во целина.

Дас е финансиски експерт, а Ростовски е бивш вицепремиер на Полска