Вторпат во историјата на завршниците во ЛШ, една земја ќе има три свои претставници во борбата за титулата

Ракометната доминација на француската машка ракометна репрезентација на европските и на светските натпреварувања, сезонава својот квалитет и успех го преслика и во Лигата на шампионите (ЛШ), каде што три нејзини претставници изборија настап на завршниот турнир во Келн. ПСЖ, Монпелје и Нант заедно со македонскиот и актуелен европски шампион Вардар, ќе се борат за титулата европски првак.
Ова е вторпат во историјата на завршниците во ЛШ една земја да има три свои претставници во борбата за титулата. Првиот пат беше во сезоната 2008/2009 кога Германија беше застапена со Кил, Левен и Хамбург, но сепак, титулата му припадна на шпански Суидад Реал.

Годинашниот пласман на фајналфорот во Келн е историски за македонскиот капитен Кирил Лазаров и за неговиот тим Нант. Лазаров е единствениот ракометар што со четири различни клуба се пласирал во завршницата на ЛШ, а за Нант, пак, ова е првпат во историјата на клубот да обезбеди завршница во Келн. Меѓу француските клубови забележителен е и пласманот на вториот француски претставник Монпелје, кој, пак, стана прв тим на кој му успеало да се пласира на главниот турнир откако претходно играл во групите Ц и Д, во кои што се натпреваруваат екипи со послаб квалитет. Монпелје во осминафиналето го елиминира шпанскиот гигант Барселона, а во четвртфиналните дуели беше подобар од поранешниот европски првак Флензбург.
Најлесен и најубедлив пат до Келн сезонава имаше француски ПСЖ, кој по доминантната игра во групната фаза, во која забележа 11 победи едно реми и два пораза, во четврт-финалето го декласираше полскиот првак Киелце.