За уште две места во полуфиналето денеска ќе се тркаат три скандинавски селекции – Данска, Норвешка и Шведска

По одигрувањето на мечевите од второто коло од главната рунда на Светското првенство во Германија и во Данска, ракометните селекции на Франција и Германија си осигурија пласман во полуфиналните на Мундијалот. Единствено непознато е која од репрезентациите ќе заврши на првата позиција во групата М1. Од меѓусебниот дуел, ниту една од селекциите не е во предност, бидејќи ремизираа, па ако завршат со ист број бодови, ќе решава вкупната гол-разлика, која во моментов е на страната на Германија (за пет гола повеќе).

Полуфиналистите од групата М2 ќе бидат познати по одигрувањето на денешните мечеви, по кои, во зависност од исходот, можно е да се создаде и круг од три репрезентации со ист број бодови. Ако Шведска ја совлада Данска, а Норвешка обезбеди бодови против Унгарија, тогаш трите скандинавски селекции ќе имаат по осум бода и во мини-табелата ќе решава гол-разликата од нивните меѓусебни средби, бидејќи секој ќе има по една победа.

Франција осми пат на претходните девет мундијали ќе игра во полуфиналето, каде што не се пласира само на СП 2013. Германија, пак, по 12 години, одново е меѓу четирите најдобри (од СП 2007). Од другите, Шведска не била полуфиналист од СП 2011, Данска од Мундијалот во 2013 година, а Норвешка првпат беше меѓу четирите најдобри на минатото СП, во 2017 година.