Финска до третата светска титула стигна со победата над Канада со 3-1 во финалето на 83-от мундијал, во неделата во Словачка, каде што триумфира и во 2011 година

Хокеарите на Финска се победници на 83-то Светското првенство (СП) во хокеј на мраз што се одржуваше во Братислава и во Кошице (Словачка). Во големото финале на турнирот, избраниците на селекторот Јука Јалонен на перфектен начин го заокружија 66-от настап на Финска на мундијалите, победувајќи го 26-кратниот првак Канада со 3-1. Финците одиграа реприза на воведниот меч од групната фаза во кој славеа над Канада со истиот резултат.

Хокеарите на Финска ги завршија мечевите од групната фаза (А) на втората позиција, а во елиминациските натпревари беа подобри од сега веќе поранешниот шампион Шведска, а потоа славеа и над Русија. За Финците ова е трето злато, а имаат освоено и осум сребрени и три бронзени медали на СП. Интересен е фактот што и својот втор златен медал го освоија на истото место, во Словачка, во 2011 година (првото злато Финска го освои во 1995 година на СП во Шведска, а Финска на домашен терен на СП играла седум пати и од тие мундијали нема ниту еден медал).

Третото место на турнирот годинава го освоија хокеарите на Русија, кои беа подобри од Чешка по изведувањето пенали (3-2), во мечот за бронзениот медал.
Според бројот на постигнати голови и асистенции, најдобар на првенството е Швеѓанецот Вилијам Ниландер со 18 поени од петте постигнати гола и 13-те асистенции. По 16 поени имаат руските хокеари Никита Кучеров (шест гола, 10 асистенции) и Никита Гушев (четири гола, 12 асистенции) и Чехот, Јакуб Ворачек (четири гола, 12 асистенции).

Според гласовите на стручњаците, епитетот најдобар голман на турнирот го понесе Русинот Андреј Василевски, за најдобар дефанзивец беше избран Чехот Филип Хронек, а за најдобар напаѓач Кучеров.

Лидер според бројот на златни медали на светските првенства е Русија со 27 злата, следуваат Канада со 26, Чешка има 12, Шведска 11, а Финска три. Два златни медали има САД, а по еден Велика Британија и Словачка.