Градот Скопје, киното „Милениум“ и Младинскиот културен центар изминативе денови организираа две исклучителни вечери под отворено небо во Градскиот парк. Првата, која собра, според процените, околу шест илјади луѓе, беше бесплатната проекција на македонскиот филм „Исцелител“ на младиот Ѓорче Ставрески со Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ во главните улоги. Проекцијата беше зад споменикот на Гоце Делчев, каде што МКЦ постави перници за седење за комплетно уживање на публиката во еден од најуспешните македонски филмови, кој наиде на одлични критики во македонската и меѓународната јавност, а доби и неколку филмски награди. Огромниот интерес за проекцијата во Градскиот парк, можеби најмасовната филмска проекција на домашен филм кај нас, покажа дека филмот е омилен и кај публиката.

Вториот настан, кој исто така наиде на одличен одѕив, беше концертот на Македонската филхармонија и џез-музичарот Феми Кути со неговиот бенд „Позитив форс“. Нигерискиот музичар роден во Лондон, кој повеќе од 30 години е на музичката џез-сцена, пред 14 години гостуваше на Скопскиот џез-фестивал, а на овој концерт публиката имаше можност да слушне музика во која се соединуваат афро-ритмите со џезот и класичната музика. Оркестрациите ги направи Џијан Емин.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека овие два културни настани нема да бидат единствени на отворено летово. Како што кажа тој, со концертот на Феми Кути официјално се отвора летната културна сезона во Скопје и заедно со директорот на Филхармонијата, Виктор Илиевски, најавија уште еден ваков концерт на отворено – на 22 јуни изведба на нумерите на „Квин“ од оркестарот на Филхармонијата. Проекцијата, пак, на „Исцелител“ го означи отворањето на летното кино во Скопје.
– Градот Скопје работи на враќање на вистинските вредности кога е културата во прашање – рече Шилегов.