Во Бахреин, среде пустината, на местото на некогашна фарма за камили, утре (почеток, 17.10 ч.), ќе се вози втората (од вкупно 21) трка сезонава, 999-та во историјата на Формула 1 (Ф1). Првата трка на патеката во Сакир, прва на Блискиот Исток, се возеше во 2004 година, а прв победник беше Германецот Михаел Шумахер во болидот на Ферари.

За дизајнот на патеката беше задолжен Германецот Херман Тилке, кој има дизајнирано уште неколку Ф1-патеки. Патеката беше изграден за само 16 месеци и чинеше 150 милиони долари. На оваа патека во 2014-та се возеше првата Ф1-трка под рефлектори за да им се угоди на посетителите, но и на ТВ-гледачите во Европа. Оваа трка е меѓу најслабопосетените во Ф1-календарот, ја гледаат околу 100.000 за трите дена. Околу патеката може да се сместат 45.000 луѓе, од кои 10.500 на главната трибина. Според податоците на официјалната интернет-страница, во викендот на одржувањето на трката, за сѐ да мине во најдобар ред се грижат над 4.700 службени лица, 1.800 полицајци, 600 маршали и 25 лекари.

Најмногу победи во Бахреин, четири (последната лани со Ферари), има забележано Германецот Себастијан Фетел, а Британецот Луис Хамилтон двапати триумфирал. Финецот Кими Раиконен осум пати се искачувал на победничкиот трон, но ниту еднаш не победил! Ферари, пак, е најуспешниот тим со шест триумфи на 14-те трки во Бахреин.

На премиерната трка годинава во Мелбурн победи Финецот Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, пред клупскиот колега, Британецот Луис Хамилтон, актуелниот и петкратен светски првак.