Меѓународната асоцијација на кинематографи ИМАГО, во присуство на светски познати имиња од филмската сцена, на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ свечено му врачи награда за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност.

– Фестивалот беше единствената институција на која ѝ беше доделено ова високо и престижно признание за време на одржувањето на интернационалното собрание на Федерацијата на директори на фотографијата, на нивното второ издание на доделувањето на меѓународните награди во Белград. ИМАГО прераснува во една исклучително значајна меѓународна асоцијација на кинематографите и тие ги доделуваат можеби вторите „оскари“ во кинематографијата – порача Евгенија Теодосиевска, директорката на фестивалот „Браќа Манаки“.

Според неа, на меѓународен план оваа награда ќе ни помогне да се профилираме меѓу оние што знаат како да организираат фестивал, како да добијат квалитетна програма и истовремено да имаат гости од меѓународно значење.

ИМАГО, чија цел е промовирање на кинематографијата на меѓународно ниво, вклучува 53 друштва и има 4.300 члена на професионални сниматели од целиот свет.

– Ја добиваме оваа награда од федерацијата на светските кинематографи ИМАГО токму во годината кога го одбележуваме нашиот значаен јубилеј, 40 години од постоењето, и со тоа оваа награда има поголема тежина и значење – изјави Благој Куновски-Доре, уметнички директор на фестивалот „Браќа Манаки“.

На свеченоста во Југословенската кинотека во Белград, награди им беа доделени и на познатиот американски кинематограф Едвард Лакман за животно дело, на Рејчел Морисон, кинематографка од САД, и на оскаровецот Дејвид Стамп за извонредни технички достигнувања.