Мина повеќе од половина од годинашната натпреварувачка сезона во Формула 1, а тимот на Ферари и понатаму не знае што е победа, што секако претставува големо изненадување. А тоа ќе можат да го поправат на следната трка на 1 септември, која ќе се вози за големата награда на Белгија.

Ферари, кој доминираше на претсезонските тест-натпревари, за големо чудо во првите 12 трки не успеа ниту еднаш да слави! Двапати сезонава Ферари беше блиску до победничката цел, но на Себастијан Фетел во Монтреал, дополнително му беше одземена победата поради попречување на болидот на Луис Хамилтон, а Шарл Леклер на трката за големата награда на Австрија, во самиот финиш ја изгуби првата позиција.

Во екипниот пласман, моментно Ферари е втор со 288 бода, додека води тимот на Мерцедес со дури 438 бода. Третопласиран е Ред Булс, но со 44 бода помалку од Ферари, иако Марк Врестапен впиша две победи сезонава.

Последен пат Ферари останал без победа во 2014 година со Фернандо Алонсо и Кими Раиконен како возачи. До крајот на сезонава има уште девет трки, но во Ферари се оптимисти и веруваат дека нема да се повтори сезоната од пред пет години.