Мечот се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон

Во вечерашното 137. финале на англискиот ФА-куп, најстарото куп- натпреварување во светот (се игра од 1872 г.), на стадионот „Вембли“ во Лондон (18.15 ч.), ќе се сретнат Челси и Манчестер јунајтед.
За Челси, кој седум пати го освојувал купот, ова ќе биде второ финале по ред (вкупно 13-то), по она лани во кое загуби од Арсенал со 1-2. Манчестер јунајтед, кој 12 пати триумфирал во ова натпреварување, последен пат во 2016 (победа над Кристал палас од 2-1), 20-ти пат е во финалето.
Ова ќе биде трета финална куп-пресметка меѓу овие два тима. Првиот пат, во 1994 година, Манчестер јунајтед извојува убедлива победа од 4-0, а во 2007 година Челси, предводен од сегашниот менаџер на Јунајтед, Жозе Мурињо, се реваншира и победи со 1-0.

За Челси, триумфот во вечерашното финале ќе значи пласман во групната фаза натпревари во Лига Европа (ЛЕ) и одличен крај на една лоша сезона во која влезе како првак. Манчестер како второпласиран во Премиер-лигата си обезбеди место во групната фаза натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ). Но триумфот во ФА-купот ќе значи големо олеснување и каква-таква сатисфакција за армијата навивачи чии миленици годинава играа просечно, „со крената рачна сопирачка“, како што некои британски новинари ја опишуваа играта што ја протежираше Мурињо.

Во рамките на финалниот меч ќе му се оддаде почит на Реј Вилкинс (61), кој почина минатиот месец и кој играше за двата клуба, а со Јунајтед го освои ФА- купот во 1983 година. Во официјалната програма четири страници ќе му бидат посветени на Вилкинс, чие семејството ќе биде гостин на „Вембли“.
Пред мечот ќе се одбележи и стогодишнината на Кралските воздухопловни сили.
Судија на финалниот меч ќе биде Мајкл Оливер (33), кој сезонава ја делеше правдата на 30 премиерлигашки дуели. Првпат во едно ФА куп-финале ќе се користи видеоасистент судија (ВАР).