Основното училиштето „Гоце Делчев“ од Кавадарци од 4 до 11 мај беше домаќин на седумдневната работилница на темата „Ние сме против дискриминација и насилство“. Работилницата е реализирана во рамките на програмата „Еразмус плус“ во соработка со Македонската агенција за образование.
Група ученици заедно со своите наставници од Шпанија, Турција и од Бугарија вкупно 33 на број, заедно со уште 17 ученици и нивните наставници од ОУ „Гоце Делчев“ имаа можност заедно да се дружат и да соработуваат. Децата-гости престојуваа во семејства на ученици и на тој начин имаа можност да се запознаат со нашата култура и обичаи, притоа развивајќи искрени пријателства што ќе траат и по завршувањето на проектот.

– Насилството меѓу младите е во секојдневен пораст и токму поради тоа сметавме дека оваа тема е од исклучителна важност за нашите ученици. Целта на работилницата беше да се намали насилството меѓу младите луѓе со промовирање позитивни вредности како што се: толеранција, почит и прифаќање на различностите. Покрај учеството во работилницата учениците беа на неколку интересни екскурзии до Охрид, Скопје и до Матка, запознавајќи се истовремено со убавините на нашата земја – вели Милка Мркева наставничка по англиски јазик и координаторка на проектот.
Покрај оваа активност, Мркева истакна дека училиштето „Гоце Делчев“ од Кавадарци е активно вклучено во многу проекти преку програмата „Еразмус плус“ за обука и професионален развој на наставниот кадар. Таа ја издвојува обуката во Исланд за митови и легенди што им овозможи на наставниците да ги продлабочат своите знаења за културното наследство и образование во разни европски земји.

Патувањето во оваа држава и посетата на главниот град Рејкјавик на наставниците им даде можност да продолжат кон таканаречениот златен круг што е граница на евроазискиот континент, преку гејзири и водопади во недопрена природа да го проучуваат пејзажот и да го искористат како основа за изразување митови и легенди преку разни форми како што се театарски работилници, музика и запознавање со исландската сага. Од особена важност се разбира е и обуката во Тенерифе на темата „Дигитален маркетинг во училиштата“ каде што наставниците беа запознаени со методи и техники што се користат за поголема дигитализација на училиштето.
Според Мркева, оваа обука може да им користи како да го промовираат своето училиште на социјалните мрежи. За жал, кај нас сѐ уште не може во целост да се применува тоа во практика, а причината не е секогаш човечкиот фактор, туку пречките од административен карактер.