Винсент Кејмер

Германскиот 13-годишен шахист победи на турнирот во Карлсруе со осум поени во девет кола, во конкуренција на 787 играчи и ја освои првата норма за титулата велемајстор како еден од најмладите во светот

Тинејџерот, 13-годишниот ученик Винсент Кејмер, стави во сенка 49 велемајстори и победи на шаховскиот турнир во Карлсруе, Гренке опен. Тој во девет кола освои осум поени и оствари најдобар играчки перформанс во шаховската историја во категоријата на шахисти до 14 години. За титулата на турнирот Кејмер (рангиран 99-ти пред турнирот) освои и парична награда од 15.000 евра. Кејмер, најголемиот шаховски талент во Германија во моментов, играше покрај елитни ВМ на најголемиот отворен турнир во Европа со над 1.400 учесници во неколку категории (настапија 787 шахисти на главниот турнир).

Тој со резултатите ја освои и првата норма за титулата велемајстор, како еден од најмладите во светот. На оваа листа прв е, на пример, Сергеј Карјакин со 12 години, а светскиот првак Магнус Карлсен титулата ја освои на 13 години, но никој досега на ваква возраст како Кејмер не освоил олку голем турнир, згора и со речиси 90-процентен скор. Истовремено во Карлсруе се одржа и турнирот Гренке класик, на кој играа 10 велемајстори и на кој триумфира Фабијано Каруана, предизвикувачот на светскиот првак, со 5,5 поени, пред Никита Витиугов и Карлсен со по пет.