„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ГРУЗИЈА (3)

Денес ова место е археолошки локалитет што ги открива тајните на една од најстарите населби во Грузија и е ставено на пробната листа на УНЕСКО, заради негово вклучување во ризницата на светското културно наследство

Текст и фото:
Дарко Андоновски

Несекојдневно чувство на отсутност од актуелниот миг ме обзема додека стојам во просторија не поголема од педесетина квадратни метри, издлабена во карпа што својата внатрешност ја отстапила за во неа да биде создаден овој некогашен обреден храм, кој бил дел од пештерски град, чии први контури започнале да се диференцираат пред повеќе од три илјади години. Низ неколкуте мали отвори на таванот од пештерата, направени за низ нив да излегува чадот од обредните огнови, се пробиваат сончеви зраци, кои ги осветлуваат централната сала, декоративните композиции на столбовите и ѕидовите, како и повеќесводниот таван. Надреалната тишина и апсолутниот мир што владеат тука, измешани со студенилото на карпестото подземје и топлината што ја носат сончевите зраци што продираат низ отворите, на волшебен начин им даваат импулс на моите мисли, кои, како да сум патник качен на временска машина, ме носат низ милениумите наназад, сѐ до бронзената доба на праисторијата.

Ловци со лак и стрела што излегуваат од пештерите, упатувајќи се некаде во потрага по плен, жени крај огништата што се грижат за своето поколение, масовни верски обреди со принесување жртви на божествата, се само дел од сценографијата низ која наизменично и во секвенци ми се менуваат сликите од животот на праисториските луѓе, кои некаде кон крајот на вториот и почетокот на првиот милениум пред нашата ера започнале да го населуваат ова карпесто возвишение што доминира над плодната долина на реката Мтквари…

Оттогаш па до средината на 19 век оваа пештерска населба, која во меѓувреме го добила името Уплисцике, речиси во континуитет била населена и имала свои големи подеми и падови. Денес ова место е археолошки локалитет што ги открива тајните на една од најстарите откриени населби во Грузија и е ставено на пробната листа на УНЕСКО, заради негово вклучување во ризницата на светското културно наследство.
Уплисцике се наоѓа на десетина километри источно од гратчето Гори, родното место на советскиот лидер Јосиф Висарионович Сталин, а до него се стигнува (стигнавме) по полчасовно возење по локален пат, кој поминува низ неколку грузиски села. Целиот локалитет се простира на површина од околу 8 хектари и е поделен на јужен, централен и северен дел. Доминира централниот дел, кој е поврзан со јужниот преку подземен тунел, што досега до самиот брег на Мтквари. Во централниот дел се наоѓа најголемиот број на зачувани пештерски простории, поврзани помеѓу себе со тесни улички, кои во одредени делови, поради конфигурацијата на теренот, се испресечени со скалила. Некаде при самиот врв на комплексот доминира христијанска црква од периодот на преминот помеѓу 9 и 10 век, изградена од тула и камен. Поголемиот дел пештери се минијатурни и без украси, големи колку соба во која може да се смести едно семејство, и потсетуваат на мали засолништа. Но постојат и поголеми структури, во кои се диференцираат повеќе простории, меѓу себе преградени со лачни портали, во кои се среќаваат изгравирани орнаменти на потпорните столбови и на ѕидовите. Во целиот комплекс, во текот на трите милениуми постоење на оваа населба, биле изградени повеќе од 700 помали и поголеми пештери. Денес се зачувани само 150.

Прошетката низ комплексот ми се чини како несекојдневна возбуда, во која секоја карпа или камен асоцира на некоја слика од животот во минатото.
Според археолошките податоци, Уплисцике, што во превод од грузиски значи божја тврдина, станал култен центар кон крајот на вториот и почетокот на првиот милениум пр. н.е. Археолозите, според резултатите од ископувањата, дошле до заклучок дека праисторискиот човек од бронзеното време, населувајќи го плодното земјиште во таа област, изградил религиозен пагански центар, кој првично бил сместен на ридот Катланишеви, кој се наоѓа на три километри западно од Уплисцике. На овој рид имало населба од бронзената доба, која постоела неколку века. Кон крајот на вториот милениум пр. н.е. шумите на Катланишеви ги зафатил голем пожар, по што, некаде во периодот на самиот зачеток на железното време, паганскиот култен центар бил преселен во Уплисцике. Изборот на карпест рид за создавање човечка населба и култен центар бил природен, бидејќи карпите и планините отсекогаш биле симболи на моќ и вечност од една страна, а од друга страна стрмните падини имале улога на природно утврдување. Денес нема пештери што целосно може да ѝ се припишат на оваа епоха, бидејќи многу од нив подоцна биле преработени и повторно изградени, меѓутоа пронајдениот археолошки материјал укажува на редовно култно користење на многу од тие простории. Во текот на овој период, во Уплисцике било забележано обожавање женско сончево божество, а единствениот артефакт од ова божество (глинена фигурина) бил пронајден на ридот Катланишеви.

Својот најголем подем Уплисцике го имал во предхристијанскиот период, некаде на преминот помеѓу старата и новата ера, кога паганството со сите свои обреди ја достигнува својата кулминација. Во тој период Уплисцике добива контури на град во кој живееле околу 20.000 луѓе. Порастот на градот бил дополнително олеснет од фактот што неговата местоположба била таква што се наоѓал некаде на половина од долината, која била природна врска помеѓу Касписко и Црно Море, каде што поминувал трговскиот пат што ги поврзувал Блискиот Исток и Европа.

Во 4 век од нашата ера, по прогласувањето на христијанството како државна религија во Грузија, се појавила конфронтација помеѓу поклониците на паганството во Уплисцике и првите христијани, што резултирало со прогон на свештениците и жителите на овој древен град. Некои од градските простории биле уништени и запалени, а некои подоцна биле обновени, но во христијански дух. Се претпоставува дека некои од свештениците и незнабожните граѓани, за какви биле прогласени паганите, биле убиени од страна на христијаните во овој период.

Долго време во Уплисцике продолжило тајното обожавање пагански божества. Археолозите откриле затворени простори, каде што, дури и по воведувањето на христијанството, продолжиле да се вршат мали културни ритуали со принесување животински жртви. Во принцип, со воведувањето на христијанството, самата вредност на Уплисцике природно опаднала, протокот на донации запрел, а бројот на аџии многу опаднал. Градот по својата вредност се намалил на вообичаената тврдина.

Во 9 и 10 век, кога дел од Грузија бил заземен од страна на Арапите, градот повторно добил на значење, поради тоа што грузиските владетели морале тука да ја преместат својата престолнина, за во 13 и 14 век да биде опустошен и запален при серијата монголски освојувачки кампањи, а потоа престанал да игра значајна улога во државниот живот, но сепак одредени облици на користење на градот се забележуваат до средината на 19 век, кога целосно бил напуштен…

Екипа на „Нова Македонија“:
Дарко Андоновски
Димитар Васевски
Звонко Младеновски

(продолжува)