Овој меч е различен од обично локално дерби, а најдобро би можел да се дефинира како пријателство засновано врз солидарност, кое се претворило во ривалство, пишува на сајтот на Бундес-лигата, во најавата на денешното берлинско дерби во најсилната лига

Унион Берлин денеска (18.30 часот) ја пречекува Херта во 10-то коло во германската фудбалска Бундес-лига. Вниманието на германската, па и на европската фудбалска јавност е насочено кон мечот што ги спојува фудбалот, политиката и историјата во некогаш поделениот град, пишува на официјалната интернет-страница на Бундес-лигата, во најавата на дербито. Овој натпревар е различен од обично локално дерби, а најдобро би можел да се дефинира како пријателство засновано врз солидарност, кое се претворило во ривалство достојно за главниот град на земјата.

Унион првпат настапува во Бундес-лигата, како петти тим од Берлин, по Тасманија 1900, Блау-Вајс, Тенис Борусија и, се разбира, Херта. Но, и покрај тоа што имале повеќе клубови од Бундес-лигата од кој било друг град, досега се одиграни само четири натпревари помеѓу клубови од Берлин во најсилната лига. Иако овие берлински дуели биле жестоки, сепак, тие беа дерби на Западен Берлин, што е клучна разлика помеѓу натпреварите сезонава за Унион, кој е првиот тим од она што некогаш се нарекуваше Источен Берлин што игра во Бундес-лигата, пишува на сајтот.
Унион Берлин е основан во 1966 година, а најголем успех е освојувањето на Купот на Источна Германија во 1968 година. Берлинскиот ѕид беше урнат на 9 ноември 1989 година и до тој момент веќе постоеше пријателство помеѓу навивачите на двата клуба. Тие на Херта одеа и гледаа мечеви на Унион, а тие на Унион одеа и навиваа за Херта на нивните европски дуели во Источна Европа, вклучувајќи и во четврт-финалето на Купот на УЕФА во Прага, во 1979 година, кога половината од 30.000 присутни беа од двата дела на Берлин.

Оваа солидарност продолжи и додека паѓаше ѕидот. Кога Херта го пречека Ватеншајд (1-1) во Втората лига, само два дена по падот на ѕидот, на Олимпискиот стадион имаше 44.000 гледачи, за разлика од другите мечеви, кога во просек имаше по 10.000. Неколку илјади берлинци од источниот дел на градот добија бесплатни билети. Неколку месеци подоцна, на 27 јануари 1990 година, се одигра првиот натпревар Херта – Унион. Официјално имало 51.270 гледачи, но се верува дека имало многу повеќе, а по мечот фудбалерите заминале на заедничка вечера, пишува на сајтот на Бундес-лигата.

Кога двете лиги се споија во една, Унион се најде во Третата и беше во лоша финансиска ситуација. Беа продадени повеќе играчи за да се преживее, по што во 2001-та Унион стигна до Бундес-лигата 2. Истата година играа во финалето на Купот на Германија (и загубија), но станаа првиот третолигаш во германската историја што се пласирал во Купот на УЕФА. Следната деценија, сепак, беше турбулентна. По три сезони во Втората лига, следуваа две испаѓања. Клупската каса беше празна, а од Унион се бараше да депонира 1,46 милион евра во банка за да може да игра во Четвртата лига. Во Германија на дарителите на крв им се плаќа, па навивачите почнаа кампања „Крвавете за Унион“, донирајќи крв, и потоа парите му ги дадоа на клубот.

Тимот пред десет години се врати во Бундес-лигата 2, каде што ги помина следните десет години и оттогаш, конечно, почна спортското ривалство со Херта, пишува на сајтот на Бундес-лигата.