Улогата на услугите во развојот на економијата

Во економската теорија услугите се третираат како терцијарна дејност, која може да има важно место во економијата (во вработувањето, во создавањето на БДП и слично), меѓутоа тие не можат да бидат носечка дејност во развојот на која било земја! Тоа, впрочем, се покажа и во случајот со САД. Пред триесетина години, идеологот на неолиберализмот и на глобализацијата Френсис Фукујама ја лансира идејата дека САД не мораат ништо да произведуваат и дека дефицитот во трговскиот биланс ќе го покриваат со извоз на услуги (филмови, музика, интернет и сл.). Американските компании почнаа масовно да ги преселуваат фабриките во земјите од Југоисточна Азија, во почетокот во Јапонија, Јужна Кореја, Хонгконг, Тајван и Сингапур, а подоцна и во Кина. Благодарение на ваквата политика, спомнатите земји остварија мошне импресивен економски развој и беа наречени „азиски тигри“! Американците согледаа дека ја утнаа работата и започнаа да си ги враќаат фабриките. Во поглед на обновувањето на производството, особено важна улога има актуелниот американски претседател Доналд Трамп!

Поранешната македонска влада го прогласи градежништвото за носечка гранка на економскиот развој на нашата држава. Ваквата економска политика беше погрешна, особено и поради несоодветната структура на градежните активности! Се градеа споменици, фонтани, станови, деловен простор, катни гаражи и слични објекти, кои не можат да бидат носители на економскиот развој на државата. Голем број изградени станови не се продадени, што придонесува за умртвување капитал во вредност што се движи до 1 милијарда евра. Се градат големи луксузни станови, кои ги купуваат само богатите, но не и мали станови, кои би можеле да ги купуваат младите луѓе, кои излезот го бараат во иселувањето од државата! Во времето на претходната влада не се изгради ниедна од најавените хидроцентрали, изградбата на автопатишта започна дури пред околу три години и тие се градат со странски кредити! Иднината на градежништвото треба да се бара во насока на градба на автопатишта, реновирање регионални патишта, модернизација на железницата, изградба на енергетски и слични инфраструктурни објекти!

Македонската влада би требало да им посвети посебно внимание на информатичките услуги! Соседна Србија од извозот на информатички услуги во минатата година остварила една милијарда и 30 милиони евра, а планира во наредната година да оствари 1,3 милијарди евра! Ваквиот импресивен успех на српските информатичари е резултат на мошне добриот образовен систем! Во Србија постојат математички гимназии што подготвуваат мошне солидни математичари и физичари, кои на разни регионални, европски и светски натпревари постигнуваат импресивни резултати.

Образованието во нашата држава се наоѓа во катастрофална состојба, и тоа не само високото туку и основното образование, кое произведува „функционално неписмени петнаесетгодишници!“ Во јавноста отворено се зборува дека во нашата држава постојат „универзитети“ што „штанцаат“ дипломи за 3-4 илјади евра, а тоа не го знаат само надлежните државни органи!? Тоа покажува дека на образованието во нашата држава му се потребни радикални реформи! Неодамна македонската влада на видни членови на владејачката партија им додели високи грантови за иновации! Парите што ги троши за вакви грантови Владата треба да ги насочи на бесплатна обука на невработени факултетски образовани кадри за вршење информатички услуги. Во договорите за обуката може да се предвиди дел од заработката што ќе ја остварат од информатичките услуги да уплаќаат во буџетот на државата. Добро би било да се размисли за организиран настап на обучените информатичари на странските пазари. Информатичарите би можеле да бидат организирани во тимови предводени од способни менаџери. На тој начин може битно да се намали бројот на млади кадри што ја напуштаат државата и се иселуваат во развиените земји!

Туризмот во светски рамки прераснува во сѐ поатрактивна дејност, која е особено значајна поради приливот на странски девизи. Во богатите европски, но и воневропски земји има луѓе што се заинтересирани за нови туристички дестинации, особено за оние што нудат интересни содржини. Добро би било македонската влада да иницира средба на надлежните туристички органи на соседните држави за потпишување договори за соработка во областа на туризмот, на чија основа туристичките агенции би пристапиле кон прецизирање конкретни облици на соработка, комбинација море-планини-езера и слично. Во тој поглед може да се користи искуството на прибалтичките земји. Литванија, Летонија и Естонија издаваат заеднички „Водич“, во кој се наведени културни, музички, спортски и слични манифестации што се одржуваат во овие земји а кои би можеле да бидат интересни за туристите. Македонската влада би требало да посвети особено внимание на развојот на екотуризмот, односно на туризам што нуди еколошки здрава, природна храна.

Практично сите македонски региони имаат свои специјалитети што би можеле да им ги понудат на странските гости, од пастрмајлии, пити, баници, зелници, качамак, специјалитети на скара, па до домашна ракија, домашно вино и слични специјалитети. Македонската јавност, но и многу странци знаат дека во Брајчино постои мал прочуен угостителски објект што нуди домашни специјалитети. Државата би требало финансиски да го помогне развојот на ваквиот туризам. Угостителските објекти што би се занимавале со ваков туризам би можеле меѓусебно да соработуваат и да се дополнуваат. Рекламирањето на ваквиот туризам би се вршело преку интернет, но и преку нашите туристички агенции. Ако може мала компанија од Дебар да дистрибуира пици во Америка, зошто не би можело да се рекламираат и угостителски објекти што нудат еколошка храна во нашата држава?

Здравствен и пензионерски туризам. Здравствениот систем во нашата држава ниско котира не само на светско туку и на регионално ниво. Познато е дека голем број наши пациенти се испраќаат на лекување во странски земји, кое е мошне скапо. Државата би требало да помогне и финансиски да поддржи школување или обука на млади кадри во познатите светски медицински центри. Во поглед на стоматолошките услуги, состојбите се многу поповолни. Голем број граѓани од соседните земји, особено од Грција, но и наши иселеници доаѓаат кај нас заради евтините стоматолошки услуги. Државата би требало да го помогне ваквиот „туризам“. Добро би било да се разгледа можноста за изградба на специјални институции за прифаќање и нега на пензионери од развиените земји. Меѓутоа, сериозен проблем е иселувањето на медицинскиот персонал, особено на медицинските сестри од нашата држава. Пред да се вратам од Белград, во почетокот на 1992 година, на моја иницијатива, во хотелот „Метропол“ во Белград се сретнав со првиот секретар на јапонската амбасада во Белград, Оба, кој во независна Македонија престојуваше во кратка посета како амбасадор. Во разговорот со Оба го отворив прашањето за прифаќање и медицинска нега на пензионери од Јапонија. Соговорникот покажа нескриен песимизам околу оваа идеја. Напомена дека Јапонците имаат специфични барања, меѓу кои и навиката за користење морска храна. Напомена дека се обиделе ваков „туризам“ да воспостават со Португалија, но обидот се покажал неуспешен! Мислам дека со солидна понуда можат да се постигнат договори за прифаќање и нега на пензионери од богатите европски земји, особено од скандинавските земји.

Авторот е поранешен дипломат