Крупниот дивеч секогаш се носи со главата напред, а телото да му е свртено во правец на патот по кој се движи ловџијата или возилото

Почитувањето кон уловениот дивеч се изразува и со неговото правилно носење. За сите видови дивеч важи правилото дека не треба да се носат скриени. Кога ловџијата ќе го стави дивечот во ранец, торба или ловечки елек, тогаш мора да се гледа некој негов дел (на пример главата, опашката). Ловџиски е исправно уловениот дивеч никогаш да не се крие пред другите ловџии, но ниту премногу да се фали во јавноста со остварениот улов. Уловениот зајак ловџијата го носи така што го држи за задните нозе, исто како што треба да го носи ситниот влакнест дивеч. Уловениот пердувест дивеч од сите видови се носи така што ловџијата го држи за вратот, односно главата, а телото треба да виси надолу, а такa и се става на некој ѕид. Крупниот дивеч секогаш се сноси со главата напред, а телото да му е свртено во правец на патот по кој се движи ловџијата или возилото.

И подредувањето на уловениот дивеч по групниот лов се врши според одредена процедура. Водачот на групата пред почетокот на ловот им вели на другите ловџии од групата каде ќе биде зборното место по неговото завршување и поздравувањето на уловениот дивеч. Уловениот дивеч се положува на зелени гранки. Тоа место треба да се подготви така што дивечот со главата да биде свртен кон пределот каде што ловџиите ловеле, односно каде што е уловен. Сиот дивеч се подредува по големина, од десно кон лево, а прво се крупниот и ситниот влакнест дивеч, а потоа следува пердувестиот дивеч (дива свиња, лисица, зајак, фазан, патка…).

Преку така ставениот дивеч, ловџијата никогаш не минува ниту, пак, прескокнува, оти тоа е во спротивност со почитувањето што ловецот го изразува кон уловениот дивеч.
Ловџиите секогаш ги носат ловечките ознаки на левата страна од градите или, пак, на шапката.


Риболов со помош на сбиро

Тоа е всушност алатка за што подалечно исфрлање на вештачката мамка во водата,
а најмногу се применува во Италија

Еден од најретко употребуваните методи на риболов кај нас е, секако, со помош на сбиро. Тоа е всушност алатка за што подалечно исфрлање на вештачката мамка во водата, а најмногу се применува во Италија, каде што со него се ловат костреж и пастрмка. Сбирото се изработува во три варијанти: тонечко, пловечко и лебдечко.
Се монтира на тој начин што на основниот конец се нанижува сбирото, а каков конец ќе се употреби, одредува самиот риболовец. Потоа доаѓа заштитата на јазолот, која може да биде по избор, односно дали е со силиконска гумичка, стопер, па доаѓа тројната вртелка или тројната осмица, па следува предвезот во должина од 60-120 см. Во зависност од мамката што се употребува, предвезот е најдобро да биде флуорокарбон или монофил, со поголема носивост. На крајот доаѓа мамката.

Улогата на тројната вртелка е да го спречи заплеткувањето на конецот, бидејќи тежината на мамката е многу мала во однос на онаа на сбирулиното и целокупниот притисок на мамката е голем. Во зависност од периодот од годината во кој се лови, зависи и употребата на различниот модел на сбирото.

При зафрлување на системот, задолжително е да се задржи конецот пред падот на мамката во водата, со што лесната мамка би одлетала пред тешкото сбиро. Повлекувањето зависи од афинитетите на риболовецот и рибата што се лови, па така тоа може да биде константно, со паузи (доколку се користи тонечко сбиро), со тресење на трската при повлекување и слично. Контрата по ударот на рибата не треба да е пресилна, бидејќи растојанието од мамката до риболовецот е големо и може да дојде до пукање на конецот.

Во Европа овој начин на риболов има своја голема примена. Од другите видови мамки, се употребува комбинација на бела ларва и парче црн црв, стримери, блинкери…


Најголемата мечка на светот живеела во Сибир

Најголемиот предатор што светот воопшто некогаш го видел била мечката пронајдена во далечната 1954 година во Сибир. А тој најголем предатор што живеел некогаш бил висок 4,62 метри и тежок 1,4 тон. Како споредба, доволно е само да се каже дека просечната мечка тежи неколку стотини кила, а кога ќе се исправи висока е околу два метра.
Големината на шепата на таа мечка што живеела во Сибир била како помала автомобилска гума, а канџите како остри ножеви, додека висината од 4,62 метри била просто зачудувачка за ваков вид диво животно.
Но,жителите на ова мало уште тогаш спомнале дека ова и не била најголемата мечка што ја виделе таму, бидејќи еднаш сретнале и друга додека трчала низ шумата, а дека се работело за нешто огромно знаеле по тенките дрвја, кои буквално се накривувале додека таа трчала меѓу нив. Но тие ги виделе само нејзините задни нозе и тело, кое, како што рекле, било широко како автомобил.
Ваквите краеви во Сибир кријат многу видови големи животни, поради начинот на опстанок, ниските температури, постоењето на многу животни, како и големиот синџир на исхрана. А да се биде тука предатор, мора да се биде посебен, исто како што била таа огромна мечка.