И во иднина ќе се збогатуваат локации што досега биле диви депонии / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хортикултурно ќе се доуредуваат коридорите на новоизградените булевари Босна и Херцеговина и Никола Карев, но и на некои од градските сообраќајници. Зелени коридори ќе се подигаат на улиците Лазар Личеноски, Македонско-косовска бригада, на булеварот Гоце Делчев, од раскрсницата со улицата Беласица до плоштадот „Скендербег“ од двете страни, а ќе има и зелен коридор зад зградата „Филатрон“, по новата улица Есенинова

Градот и општините ги започнаа пролетното раззеленување и уредувањето на јавните површини со нови садници. Се уредуваат плоштадите, блоковското зеленило, се садат украсни растенија, а ќе се подигаат и нови парковски површини. Некои од општините реализираа акции со ученици, кои засадуваа и нови зимзелени и листопадни дрвја, а некои од локалните власти ги уредуваа и дворовите на училиштата и градинките. Хортикултурно ќе се доуредуваат коридорите на новоизградените булевари Босна и Херцеговина и Никола Карев, но и на некои од градските сообраќајници. Зелени коридори ќе се подигаат на улиците Лазар Личеноски, Македонско-косовска бригада, на булеварот Гоце Делчев, од раскрсницата со улицата Беласица до плоштадот „Скендербег“ од двете страни, а ќе има и зелен коридор зад зградата „Филатрон“, по новата улица Есенинова. Хортикултурно уреден зелен коридор ќе добијат улицата 11 Октомври, потегот помеѓу раскрсницата со булеварот Кочо Рацин и улицата Филип Втори, како и булеварот Климент Охридски. Реконструкција и хортикултурно уредување на зелена површина е планирано и за паркот „Чаир“, на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, како и на средишната жардиниера на булеварот Кочо Рацин, на потегот од раскрсница со булеварот Кузман Јосифовски Питу до раскрсница со улицата 11 Октомври и уште многу други локации.

– Град Скопје во континуитет работи за одржување на постојното и создавање ново зеленило, преку работата на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Како и досега на терен ќе се работи на многу нови содржини, садење садници и одржување на постојните, како и на збогатување на локациите што досега биле диви депонии. Цвеќиња се садат на сите локации каде што условите го овозможуваат тоа и се садат во согласност со сезоната. И оваа година ќе се засадат голем број дрвја по должината на главните сообраќајници, како и на повеќе локации во новите паркови. Во согласност со Годишната оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на Град Скопје за 2021 година, и оваа година се предвидува подигнување на ново урбано зеленило на јавни површини и реконструкција на јавно зеленило на повеќе локации – велат од Град Скопје.

И општините садат дрвја, уредуваат и подигаат нови паркови

Општина Карпош,, пак пролетва во сите населби ќе сади ореви, а се разубавуваа и дворовите на училиштата и градинките.
– Пролетната акција на зазеленување почна со засадување на 200 ореви, во сите населби низ општината Карпош. Комуналните служби садат во близината на кејот на Вардар, во Карпош 4 по должината на улицата Желево, потоа во Козле кај улицата Јуриј Гагарин, како и на плоштадот „Делфина“ во Влае 2 и на улицата Женевска во Тафталиџе 2. Претходно, вакви дрвја беа засадени во дворовите на детските градинки и основните училишта. Оваа година ќе засадиме и 150 други, висококвалитетни дрвја. Дополнително се зголемува и меѓублоковското зеленило, односно зеленилото меѓу зградите. Ќе изградиме уште четири нови маалски паркови, со тревни површини, украсни растенија и системи за наводнување. Локациите дополнително ќе ги одредиме по ребалансот на буџетот – велат од Општина Карпош
Во рамките на пролетното хортикултурно уредување на постојните, но и на раззеленувањето на нови површини работат и надлежните од Општина Аеродром.
– Општина Аеродром со право го носи епитетот најзелена општина. Изминативе денови се засадени 600 различни видови садници покрај реконструираниот паркинг на булеварот Јане Сандански, со што дополнително се разубави овој простор. Станува збор за високоразгранети грмушки во вид на жива ограда, кои имаат способност да го апсорбираат загадувањето. Зелен и чист Аеродром е наш приоритет и секоја локација што го дозволува тоа ќе добие нови садници и ќе биде хортикултурно уреден. Неодамна заедно со учениците од основните училишта засадивме зимзелени и листопадни дрвја и ги претворивме училишните дворови во вистинска зелена оаза. За аеродромци обезбедуваме повеќе чисти и зелени површини – вели градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, додавајќи дека зазеленувањето на општината ќе продолжи и во наредниот период.

Со засадување нови садници се занимаваат и надлежните од Кисела Вода, разубавувајќи повеќе локации во општината.
– Општина Кисела Вода исто како и минатата година, така и оваа во сите урбани и месни заедници ќе засади разни видови садници. На површините на кои ќе биде потребно зеленилото ќе биде обновено. Планирано е да се направат и нови зелени површини. Неодамна, Општина Кисела Вода го уреди паркот „Пушкин“, кој е со површина од 1.148 квадратни метри, во кој е поставен е автоматски систем за наводнување на зеленилото. Во истиот засадени се вкупно 90 садници, од кои 10 се црвени сливи, 71 се туји и девет се зелени декоративни топки. Со ова, Општината го зголеми зеленилото, а на жителите им направи поубаво место за дружење и уживање – вели Јанко Бацарија, одговорен за информирање во Општина Кисела Вода.