Апелацискиот суд ја укина приввремената мерка на Основниот суд Скопје 2 да се забрани продажбата на книгата „До атентатот и по него“, на поранешниот собраниски спикер Стојан Андов. Апелација ја прифатила желбата на адвокатот на Андов, Звонко Давидовиќ, кој во изјава за нашиот весник објаснува дека одлуката на првостепениот суд да ја забрани книгата била прејудицирање на пресудата и избрзан чекор на судијата.

– Според Законот за граѓанска одговорност, одреден текст, изјава или клеветничка содржина дадена еднаш, која содржи клевета или друг вид навреда, може само да се забрани тој текст и понатаму да се објавува, но не може да се бара текстот да биде избришан засекогаш. Понатаму никаде во книгата Андов не го навредува ниту клевети Фрчкоски, туку зборува за Министерството за внатрешни работи во тоа време и неговите пропусти а пропо неколку ситуации со кои се соочи Република Македонија – вели Давидовиќ и додава дека Андов за своите тврдења користи референции како што е книгата на Киро Глигоров, изјави од амбасадори и написи во медиумите.
Во исто време, поранешниот спикер на парламентот Стојан Андов во кратка изјава за весникот „Нова Македонија“ објаснува дека ваквата одлука на Апелацискиот суд беше очекувана.

– Првичната одлука на судот да ја забрани книгата за продавање беше бесмислена, ова сега е сосема логична разврска на случајот – кратко коментира Андов.
Иако „Нова Македонија“ вчера се обиде да побара коментар од професорот Фрчкоски, за последните случувања до затворањето на весникот сепак не успеавме да добиеме одговор од негова страна.