Во првиот барабан ќе бидат прваците на Шпанија, Англија, Италија, Германија, Франција и на Русија, како и победниците сезонава во ЛШ и во ЛЕ

Шампионите на Шпанија (Барселона), Англија (Манчестер сити или Ливерпул), Италија (Јувентус), Германија (Баерн или Борусија Д.), Франција (ПСЖ) и Русија (води Зенит) обезбедија места во првиот барабан за ждрепката за групната фаза во следната сезона од Лигата на шампионите (ЛШ).

Носители ќе бидат и победниците сезонава во ЛШ и во Лига Европа (ЛЕ), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Прваците на Португалија и на Украина, исто така, би можеле да влезат меѓу носителите, ако победниците на ЛШ или на ЛЕ обезбедат место во групната фаза на ЛШ преку домашното првенство.

Барселона рекорден 24-ти пат ќе игра во групната фаза, Јувентус ќе стане шестиот клуб што 20-ти пат ќе заигра во групите на ЛШ, а и Арсенал би можел да се придружи на таа листа.

Од екипите што се во полуфиналето на ЛШ сезонава, Ајакс нема директно место во групната фаза низ домашното првенство, па тимот од Амстердам ќе игра во квалификациите, без разлика дали ќе биде прв или втор во првенството на Холандија.

Трката за четвртото место во Шпанија е интересна, а Гетафе би можел да дебитира во која било фаза од ЛШ, оти досега никогаш не играл ниту во квалификациите. Гетафе настапи во сезоната 2010/2011 во Лига Европа. Ајнтрахт Франкфурт, полуфиналист на Лига Европа, сега е на четвртото место во Германија, а тоа место носи директен пласман во групната фаза на ЛШ. Клубот не играл во најсилното клупско натпреварување во Европа од 1960 година, кога настапи во финалето на тогашниот Куп на европските шампиони.

Директно место во групната фаза обезбедуваат 26 тима низ домашните првенства (10 шампиони, шест второпласирани и по четири третопласирани и четвртопласирани екипи), како и шест од квалификациите.