Турски државјанин со привремен престој во с. Велебрдо, Ростуше, прексиноќа во Скопје се обидел да спречи пајак-возило да го отстрани неговото неправилно паркирано возило, а при обидот за бегство со возилото удрил во полициски службеник, кој потоа успеал да го фати и лиши од слобода.

Настанот се случил во 21.40 часот, на улицата Самоилова во Скопје, во моментот кога полициски службеник со специјално возило преземал мерки за отстранување погрешно паркирани возила. Возачот на едно од возилата притоа почнал да го влече вработениот во пајак-службата, а се обидел и да го удри. Потоа влегол во патничко возило „мерцедес“, го вклучил возилото и удрил во полицискиот службеник, кој добил телесни повреди, по што го запрел возилото, излегол и почнал да бега.

Полицискиот службеник успеал да го фати и да го лиши од слобода. Во тој момент друго непознато лице го вклучило возилото и побегнало во непознат правец. Утврден бил идентитетот на лицето, се работи за Б.Х. (29) од Република Турција, со привремен престој во с. Велебрдо, Ростуше.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Ц.Х.