Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативата за одвојување на увезеното месо од домашното на полиците во маркетите, според светските корпоративни закони и правила, ги дискриминира увозниците, кои, пак, претставуваат сериозна закана за домашните производители

Увезеното месо да се одвои од домашното во маркетите, да се продава на посебни полици или фрижидери и на декларациите да биде назначено неговото потекло за потрошувачите да имаат увид што купуваат, бараат македонските фармери.
Според Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“, барањето за одвојување на домашното месо од увозното на рафтовите во маркетите е последен крик на домашните производители да се стори нешто за нашата држава, потрошувачите и економијата.
– Укинувањето на забраната за увоз на замрзнато свинско месо, без никаква консултација со потрошувачите и со невладините организации, можно е да им направи конкуренција на домашните производители. Со укинување на забраната доаѓа и увозот на евтино ГМО-месо. Тоа за нашата кревка производна индустрија би било погубно – смета Станковски.

Тој додава дека постојат многу начини на кои замрзнатото увозно месо би дошло на нашите трпези, а би се декларирало како свежо домашно, и истакнува дека, кога Владата донесува вакви одлуки, битно е тоа да биде проследено и со соодветни механизми за контрола на пласманот на производот.
– Иницијативата за одвојување на месото на полиците во маркетите како домашно и увозно, според светските корпоративни закони и правила, ќе ги дискриминира увозниците – појаснува Станковски.
Што се однесува до увозот на месни преработки, потребно е да се постави прашањето со кој квалитет се бидејќи, како што вели тој, за ист производ постојат неколку класи квалитет.
– Проблемот е во тоа што приоритет ѝ се дава на цената, а не на квалитетот. Околу тие детали се вртат сите измами во трговијата. Во преработувачката индустрија имаме цела палета сурогат-состојки што служат за измама на граѓаните. Во некои производи нема ни месо, а се декларираат како месна преработка – нагласува Станковски.
Претседателот на „Агрофаланга“ истакнува дека, ако сакаме како држава да ги поставиме работите на место, прво би требало да поставиме класи на производите и задолжителен процент на месо во секоја од нив. И потоа секој потрошувач би можел преку цената да избира која класа ќе ја консумира.

– На овој начин производите со пониска класа им прават сериозна конкуренција на поквалитетните производи. На крајот од таа битка, во која секој преработувач се бори да изнесе на пазарот што поевтин, како и понеквалитетен производ, најмногу губат граѓаните-потрошувачи. Тие се осудени да консумираат безлични преработки, затруени со конзерванси, засилувачи на вкус и кои најчесто немаат месо во својот состав – објаснува Станковски.
Тој смета дека е неопходно повторно да се оди со кампањата „Купувајте македонски производи“, со што би се стимулирале потрошувачите да купуваат домашни производи, а би се овозможил и побрз развој на македонските брендови.
Според Габриела Арсова-Милошевска, сопственичка и управителка на „Агромакс“ – Берово, македонскиот пазар мора да стане достапен за македонските производи. Таа нагласува дека треба да биде поригорозно разграничувањето меѓу „произведено во“ и „пакувано во Македонија“.

– Неопходно е да се создадат механизми што ќе овозможат достапност на домашните производи во трговските синџири, да овозможат достапност до домашниот потрошувач. Тоа е првиот чекор кон развојот на домашниот производ, па потоа и неговото етикетирање – вели Арсова-Милошевска.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека означувањето на производите треба да биде јасно, прецизно и да не го доведува потрошувачот во заблуда и сето ова да го вршат операторите со храна, односно производителот, а за податоците од декларацијата за увозните производи одговорен да биде увозникот.
– Обврска на операторите со храна е да гарантираат пред инспекциските служби и потрошувачите дека пуштаат на пазарот безбедни производи и производи што се соодветно означени. Со донесување на новиот закон за безбедност на храната, во 2015 година, Агенцијата за храна и ветеринарство направи промена во правната рамка, која се однесува и на означувањето на храната. Законот за безбедност на храната се дополни со повеќе одредби за означувањето на производите, со кои се имплементира новата ЕУ-легислатива за информирање на потрошувачите за прехранбените производи – истакнуваат од АХВ.

Како што додаваат оттаму, агенцијата врши постојан надзор над операторите со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите.
– Се вршат континуирани контроли на пазарот и доколку се констатираат недоследности во делот на означувањето, на операторите со храна им се наложува во определен рок тие да ги отстранат. Доколку не се постапи по наложеното, производите се повлекуваат од промет – појаснуваат од АХВ.
Тие објаснуваат дека операторот со храна треба да ги означи меленото месо, подготовките од месо и производите од месо што се ставаат во промет, заштитена ознака на потекло, заштитена географска ознака и ознака за гарантиран традиционален специјалитет.

– При означувањето во декларацијата, под името на месото се наведува категоријата, групата производи на која ѝ припаѓа, односно подгрупата. Подготовките од месо и производите од месо можат да се произведуваат и да се ставаат во промет во согласност со производната спецификација, доколку во својот назив го содржат називот на категоријата, групата или подгрупата или производот кому му припаѓаат според своите особини – истакнуваат од АХВ.
Оттаму додаваат дека производите не можат да бидат означени со називот „месо“ доколку не се добиени од месо од животни и живина.

– Во декларацијата на производи од свинско, односно говедско месо, кои содржат месо од други видови чапункари, копитари и живина, се наведува и количеството на тој вид месо. Во називот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо од други видови чапункари, копитари и живина се наведува видот на месото. Доколку подготовките од месо се произведени од разладено месо, под датумот на производство на подготовките од месо се подразбира датумот на колење на животните. Доколку подготовките од месо се произведени од замрзнато месо, покрај датумот на производство треба да се наведе и датумот на кој било замрзнато месото – нагласуваат од АХВ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева