Американскиот претседател Доналд Трамп првпат изјави дека е можно саудискиот принц Мохамед бин Салман да е вмешан во операцијата за убиството
на дисидентскиот новинар, порачувајќи дека „принцот е главен во Ријад“

Скандалот околу исчезнувањето и очигледното убиство на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул добива нови димензии, кои може да имаат далекосежни дипломатски, но и економски последици.
Па, така, американскиот претседател Доналд Трамп првпат изјави дека е можно саудискиот принц Мохамед бин Салман да е вмешан во операцијата за убиството на дисидентскиот новинар, порачувајќи дека „принцот е главен во Ријад“. Коментарите на Трамп означуваат пресврт во неговата позиција за ликвидацијата на Кашоги во Истанбул, откако првично ги прифати саудиските објаснувања. Американскиот Стејт департмент воведе санкции против дваесетина Саудијци вмешани во смртта на новинар, укинувајќи им ги визите за влез во САД.
Според шефот на Белата куќа, принцот Бин Салман демантирал дека знаел за планираното убиство и оти тоа било организирано на пониско ниво во Ријад.
– Сепак, принцот таму има доста голема контрола во оваа фаза. Принцот управува со работите и ако некој е вмешан, тоа би бил тој – порача Трамп во интервјуто за „Волстрит журнал“.

„Гардијан“ наведува дека на над 20 Саудијци ќе им бидат укинати американските визи, како и тоа дека ќе бидат одбиени веќе поднесените барања за визи. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео изјави дека се разгледуваат и други мерки, вклучувајќи ги и санкциите.

– Овие казни нема да бидат последен збор од САД за оваа работа. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека САД не толерираат ваква безмилосна акција за замолчување на новинарот Кашоги, користејќи насилство. Ниту претседателот ниту јас сме задоволни од оваа ситуација – порача Помпео.

Укинувањето на визите е прва казнена мерка од администрацијата на Трамп против Саудијците откако Кашоги исчезна по влегувањето во конзулатот во Истанбул на 2 октомври. Сепак, под притисок на Конгресот, администрацијата најверојатно ќе бара поголема казна за Ријад за бруталното убиство на Кашоги, кој живееше во егзил во САД и, како колумнист на „Вашингтон пост“, беше голем критичар на саудискиот принц.

Зборувајќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп претходно го коментираше заговорот за убиството.

– Тие имаа многу лош првичен концепт. Лошо беше спроведен и обидот за прикривање е едно од најлошите прикривања во историјата – истакна американскиот претседател.
Од друга страна, американски „Стратфор“ оценува дека убиството на Кашоги беше очекувана смрт уште од времето кога неговите коментари за принцот Бин Салман стигнаа до кралскиот двор во Ријад.

– Принцовите не толерираат работи што ги сметаат за навреда, особено од обичните луѓе. Во апсолутна монархија не постои разлика помеѓу критика и предавство.
Кашоги, кој со години беше лојален поданик на монархијата, се осмели да сугерира дека неговата земја треба да се повлече од уништувањето на нејзиниот помал сосед Јемен, и дека треба да овозможи поголема слобода за жителите на кралството. Тоа беше доволно за принцот да го смета за негов личен непријател, но и за непријател на државата. Па, така, западните сили што играа одлучна улога во Саудиското Кралство во текот на изминатиот век не би требало да бидат шокирани од тоа што му се случи на Кашоги. Неговата смрт е една од многуте што тие ги игнорираа откако Абдулазиз Ибн Сауд го основа кралството на Арапскиот Полуостров – наведува „Стратфор“.

Според американскиот тинк-тенк, ако телото на Кашоги биде откриено, а турските информации се точни, тогаш може да се очекува неговите прсти, со кои пишуваше, да бидат исечени или згмечени. Тоа ќе биде јасна предупредувачка порака до другите да не пишуваат ништо против саудискиот лидер.


Принцот Бин Салман го пречека синот на Кашоги и му изрази сочувство

Вниманието на светската јавност вчера го привлече серијата фотографии од Ријад на кои може да се види како Салах Кашоги, синот на исчезнатиот новинар, се ракува со саудискиот принц Мохамед бин Салман, како и со неговиот татко, саудискиот крал.
Саудиските државни медиуми објавија дека принцот го примил семејството Кашоги, наводно, за да му изрази сочувство во врска со смртта на познатиот новинар, кој беше остар критичар на саудиското кралско семејство.
Фотографиите можеби и немаше да бидат толку невообичаени и шокантни ако не се земе предвид фактот дека секојдневно излегуваат нови информации, кои говорат дека токму принцот Бин Салман е нарачател на ликвидацијата на Кашоги, пренесуваат светските медиуми.