Русија во јули ќе почне со испораката на противвоздушниот систем „с-400“ на Турција, која не се откажа од набавката на оружјето и покрај големиот притисок од Вашингтон. Експертите потсетуваат дека Турција, чија авијација е една од најјаките и најмногубројна во НАТО, е една од ретките држави што немаат соодветна ракетна противвоздушна одбрана на својата територија. Истовремено, реализацијата на оваа руско-турска зделка од воен карактер со големо влијание ја следи Индија, која исто така има нарачано повеќе системи „с-400“, во вредност од над пет милијарди долари. Ова внимание е резултат на американскиот притисок на Њу Делхи во изминатите недели, при што од Индија се бара да се откаже од договорот со Русија, пренесува порталот „Геополитика“.

– Сѐ е усогласено со турската страна. Таа се подготвува за прием на нашата техника. Во тек е планираната обука. Испланирана е испорака на системот во јули – изјави Александар Михеев, претседателот на руската државна компанија за извоз на оружје „Рособоронекспорт“.

Истовремено, претседателот на „Ростех“, Сергеј Чемезов, порача дека Турција веќе ја извршила уплатата за „с-400 триумф“ и оти дел од договорот се темели на кредит. Чемезов додаде дека обуката на турските војници што ќе управуваат со руските системи е при самиот крај.

Турција ќе набави четири дивизии од ракетниот систем со голем дострел, во вредност од 2,5 милијарди долари. Според турскиот министер за одбрана, Хуласи Акар, системот „с-400“ би требало во октомври да биде оперативно воведен во составот на војската на Турција. На претстојниот самит на Г20 во Јапонија е планирана средба на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, при што двајцата лидери би требало да разговараат за купувањето на рускиот „с-400“. Меѓутоа, шансите Анкара да се откаже од зделката се навистина мали. Турција досега повеќепати соопшти дека уште порано барала од САД испорака на американскиот систем „патриот“, но тоа не ѝ било овозможено или нејзините барања биле игнорирани. Дури откако Анкара почна со реализација на договорот со Москва, американската страна почна со конкретни понуди на својот противракетен систем, но и понатаму по многу неповолни услови во споредба со руската понуда.

„Геополитика“ наведува дека е многу важно да не се заборави дека Турција нема соодветна заштита на својата територија, и покрај фактот дека нејзината авијација е една од најјаките и со најмногу авиони во рамките на НАТО. Таквата состојба не е неприфатлива за Анкара, особено откако турски воени пилоти, кои застанаа на страната на организаторите на воениот удар против Ердоган во мај 2016 година, слободно крстосуваа по турското небо и ги ракетираа владините институции, без можност да бидат соборени или неутрализирани.